СИТУАЦИЈАТА ВО ФОЛКСВАГЕН Е КРИТИЧНА И ТЕНЗИЧНА Фабриката штеди, ќе се укинат 50.000 работни места
Ситуацијата е повеќе од критична, досегашните мерки за намалување на трошоците за 20% не се доволни, вели извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме.
Извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме, изјави дека ситуацијата во најголемиот европски производител на автомобили е критична и тензична, по најавите дека се неопходни мерки за намалување на трошоците и редуцирање на работната сила.
– Ситуацијата е повеќе од критична – изјави Блуме во интервју објавено на интранет страницата на германската компанија.
Според него, неопходни се итни мерки, иако оперативниот приход на компанијата од 3,8% е солиден, не е доволен „да генерира доволно средства на долг рок за нови технологии, нови производи и производствени капацитети“.
– Досегашните мерки за намалување на трошоците за 20% не се доволни – рече Блуме.
Тој посочи дека се планира новиот пакет мерки да биде усвоен до крајот на годинава.
Предупреди дека можеби ќе треба да се укинат околу 50.000 работни места за да се направи компанијата конкурентна, што предизвика бес кај вработените и синдикатите.
Тие најавија протести и побараа итни состаноци со раководството околу плановите за иднината на Фолксваген.