СЕМ АЛТМАН, ШРЕК ИЛИ ЏЕСИКА РАБИТ, КОЈ ОДИ НА ГОСТИ КАЈ ГВИНЕТ ПАЛТРОУ? Наводната покана од актерката за вечера со шефот на OpenAI предизвика вистинска бура

Гвинет Палтроу се најде во центарот на вниманието по наводната покана за приватна вечера со Сем Алтман. Потоа се појави сомнеж дека поканата е генерирана со помош на вештачка интелигенција, па и самата актерка се пошегува со ова на својот Инстаграм профил

43

Гвинет Палтроу се најде во центарот на необична интернет-бура откако се појави покана според која актерката на 29 август во својот дом во Хемптонс треба да организира приватна вечера во чест на Сем Алтман, директорот на OpenAI, компанијата која стои зад ChatGPT.

Приказната првично ја објави новинарот Метју Белони во „Puck“, заедно со фотографија од наводната покана. Според поканата, станува збор за „приватна вечера без присуство на медиуми“, со коктел во 18 часот и вечера во 18:45 часот. Поканата наводно била испратена до одбрани гости, но нивните имиња не се објавени.






Веста веднаш предизвика реакции на социјалните мрежи. На многумина им било необично што холивудска ѕвезда како Палтроу организира вечера „во чест“ на Алтман, особено во време кога односот кон вештачката интелигенција е причина за една од најголемите поделби во креативните индустрии. Други, пак, се фокусираат на необичниот изглед на поканата и се прашуваат дали воопшто е автентична.

Токму тука приказната станува уште поинтересна. Новинарот Шајан Сардаризадех посочил дека оригиналната покана можеби е генерирана со вештачка интелигенција. И други корисници на интернет забележале детали поради кои се сомневаат во нејзината автентичност. „Fast Company“, пак, пишува дека ниту Палтроу ниту Алтман јавно не ја потврдиле вистинитоста на поканата.

Но, Палтроу се вклучи во приказната. Имено, откако поканата стана вирална и предизвика лавина од критики, актерката на Инстаграм објави пародични верзии на поканата. На нив, наместо Сем Алтман, како „почесни гости“ се појавуваат измислени ликови како Шрек и Џесика Рабит, а Палтроу се пошегува и со замисленото мени.

Меѓу шеговитите ставки што ги навела се „бурито со сабјарка“ и „лате со пена од чедар“. Со тоа Палтроу очигледно решила да ја исмее целата ситуација наместо директно да се правда.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gwyneth Paltrow (@gwynethpaltrow)

Инаку, нејзината поврзаност со светот на вештачката интелигенција не е измислена. Палтроу инвестирала во повеќе AI компании, а технологијата се користи и во нејзиниот бренд Goop. Нејзината заинтересираност за оваа индустрија трае со години, па токму затоа на некои им изгледа сосема логично таа да биде домаќинка на ваква средба.

Засега, сепак, не може да се каже дека е официјално потврдено дека Палтроу навистина ќе ја организира вечерата за Алтман на 29 август.

Поврзани содржини