ШЕР И СОПРУГАТА НА СИНОТ ВО НОВА СУДСКА БИТКА Кој ќе одлучува за парите и за лекувањето на Елајџа?

Сопругата на синот на Шер бара да биде негов старател, додека пејачката повторно се бори за контрола врз неговите финансии и тврди дека неговата зависност и состојба го прават неспособен да управува со средствата што ги наследил од својот татко.

83

Семејната драма околу Шер и нејзиниот син Елајџа Блу Олман повторно се најде пред суд. Сопругата на 50-годишниот музичар, Мариангела Кинг, поднела нови документи со кои се спротивставува на обидот на неговата мајка да му биде назначен старател. Наместо тоа, Кинг бара судот да ја избере неа, тврдејќи дека Шер со години е отуѓена од синот и дека нејзиното мешање е спротивно на неговите желби.

За оние кои не ја следат приказната, станува збор за долготраен семеен и правен конфликт. Елајџа е синот на Шер и покојниот музичар Грег Олман, а со Мариангела Кинг се оженил во декември 2013 година. Нивниот брак со години е проследен со проблеми, вклучително и неговата борба со зависноста, а двапати имало и постапки за развод.






Во 2023 година Шер за првпат побара од судот да ѝ биде доделено старателство над имотот на својот син. Таа тврдеше дека поради сериозни проблеми со менталното здравје и злоупотребата на супстанции, Елајџа не е способен сам да управува со своите финансии и дека парите што ги добива од фондот на својот покоен татко би можел веднаш да ги потроши на дрога.

Тогаш Шер се спротивставила и на можноста Кинг да биде назначена за старател, наведувајќи дека нивниот однос е нестабилен и дека семејната ситуација не е доволно сигурна. Во јануари 2024 година судот го одбил нејзиното барање за привремено старателство, а Шер подоцна ја повлекла постапката.

Пред тоа, приказната дополнително се усложнила по тврдењето на Кинг дека во ноември 2022 година четворица мажи го однеле Елајџа од хотелска соба во Њујорк, каде што сопружниците ја одбележувале годишнината од бракот. Кинг тогаш тврдела дека луѓето биле ангажирани од Шер. Пејачката ги отфрлила обвинувањата за киднапирање.

И покрај турбулентниот однос, Кинг и Елајџа во одреден период се обидувале да го спасат бракот. Елајџа во 2021 година поднел барање за развод, но подоцна го повлекол. Кинг повторно поднела барање за развод, а потоа и тоа го повлекла, што дополнително ја усложнило нивната правна и семејна ситуација.

Во меѓувреме, проблемите на Елајџа продолжиле. Во февруари и март годинава тој бил уапсен во Њу Хемпшир по два одделни инцидента, меѓу кои се наведуваат напад и незаконско влегување. По тие случувања бил сместен во психијатриска установа во Њу Хемпшир, каде што е под државен надзор и се соочува со судски постапки.

Тоа повторно ја натерало Шер да побара старателство во април годинава. Овојпат таа побарала професионално лице назначено од судот да управува со финансиските средства на нејзиниот син, наместо самата да ја преземе таа улога. Таа тврдела дека неговата состојба значително се влошила, дека има сериозни проблеми со зависноста и дека не може одговорно да управува со своите пари. Судија во април го одбил барањето за привремено старателство, оценувајќи дека не постои доволна итност за таква мерка.

Меѓутоа, сега во приказната повторно се вклучува Мариангела Кинг. Таа тврди дека е подготвена и способна да преземе одговорност за Елајџа и дека како негова сопруга има право да биде вклучена во одлуките за неговото лекување, финансиите и иднината.

Кинг во новите документи наведува дека Шер покажала „непријателство“ и дека намерно ја исклучувала од разговорите за здравствената состојба и грижата за Елајџа. Таа тврди дека пејачката со години не соработува со неа како со сопруга на својот син.

Според Кинг, Елајџа има потреба од сериозен и долгорочен план за лекување, но старател избран од неговата мајка би можел дополнително да му наштети.

Таа се повикува и на изјава што Елајџа ја дал во 2024 година, кога самиот се спротивставил на барањето на Шер да биде негов старател. Тој тогаш признал дека се бори со зависност, но тврдел дека не е ментално болен и дека не му е потребна контролата на мајка му врз неговите финансии.

– Знам дека намерите на мајка ми не се злонамерни. Не ѝ се потребни релативно малите суми што ги добивам од фондот на мојот покоен татко. Знам дека нејзините постапки се со намера да ми помогне, но мене не ми е потребна таа помош – навел тој во тогашните судски документи.

Елајџа тогаш додал дека ако е решен да се однесува самоуништувачки, не му се потребни парите од фондот за да го направи тоа, додавајќи дека „единствената личност која може да го спаси од сопствените демони е самиот тој.

Во новото поднесување Кинг тврди и дека Елајџа никогаш не сакал неговата мајка да биде негов старател. Таа смета дека нејзиното назначување би било „неоправдано мешање во брачниот однос“ и би можело да го натера Елајџа да се чувствува како да е дополнително казнет и лишен од автономија.

Сопругата на музичарот исто така ја обвинува Шер дека користела пари, слава и влијание за да влијае врз лекари, социјални работници и други професионалци кои се занимаваат со нејзиниот син.

Од друга страна, адвокатите на Шер во своите поднесоци ја доведуваат во прашање искреноста на повторното зближување на Елајџа и Кинг. Тие прашуваат како тој може да тврди дека нема намера да се врати во Калифорнија, каде што живее неговата сопруга, ако навистина се помириле.

Правниот тим на Шер дури сугерира дека нивното ненадејно помирување би можело да биде „измама“, односно начин Кинг повторно да добие влијание врз случајот.

 

Поврзани содржини