НОВАК ЃОКОВИЌ ЗА ТАЈНАТА НА УСПЕШНИОТ БРАК СО ЈЕЛЕНА „Треба да се разговара за сè што не функционира“
Зборувајќи за тајната на долговечноста на неговиот брак со Јелена, Новак издвоил три клучни вредности: „Комуникација, искреност, транспарентност“.
Тениската легенда Новак Ѓоковиќ отворено зборуваше за својот брак со Јелена, откривајќи што стои зад стабилноста на нивната долгогодишна врска. И покрај светската слава и честите патувања, сопружниците успеваат да ја одржат цврстата врска заснована на заеднички раст и компромис.
Новак и Јелена се запознале уште во средно училиште во Србија, а нивната љубовна приказна започнала многу пред тој да стане еден од најдобрите спортисти во светот. Тие се венчаа во 2014 година и денес се родители на две деца, синот Стефан и ќерката Тара. Во пресрет на премиерата на неговиот нов документарец, Новак за „People“ откри што е тајната на успешниот брак.
– Пред сè, таа е единствената сериозна врска што некогаш сум ја имал. Таа е мојата девојка, свршеница и сопруга повеќе од 20 години и вечно сум благодарен за нејзината љубов, поддршка и за врската која се развиваше со текот на годините – рекол тенисерот.
Зборувајќи за тајната на долговечноста на нивниот брак, Новак издвоил три клучни вредности: „Комуникација, искреност, транспарентност“.
Тој објаснил дека е од пресудно значење да се разговара за сè што не функционира, бидејќи потиснатите проблеми со текот на времето можат да се претворат во непремостливи пречки.
Според неговото искуство, избегнувањето отворен разговор води кон „надолна патека“ од која тешко се излегува, бидејќи на површина повторно испливуваат и проблемите од минатото.
Сопругата како столб на семејството
Додека Новак патува низ светот и освојува турнири, Јелена е таа која ги држи семејството и домот. Тенисерот не крие дека најтешко му паѓа разделувањето од сопругата и децата и признава дека тоа „всушност е многу болно“.
Токму затоа, секој момент што го поминува дома се обидува да биде целосно присутен, фокусирајќи се на улогата на татко, а не на тренер.
Раст преку жртва и компромис
Бракот на двајца луѓе кои се заедно повеќе од 20 години бара постојано прилагодување. Новак истакнува дека, како и секој пар, имаат подеми и падови, но љубовта што ја изградиле секогаш одново ги потсетува на она што е навистина важно.
Тој ѝ е благодарен на сопругата за развојот на нивниот однос, како и за жртвата што ја поднела за тој да може да ги оствари своите спортски соништа, додека таа се грижела за домот и децата.