ВЕДРАНА РУДАН ОДАМНА ГО ИСПЛАНИРАЛА ПОГРЕБОТ Хрватската писателка сакала нејзината пепел да заврши во морето

Во две различни колумни, во период од три години, хрватската писателка оставила две верзии за тоа како би сакала да изгледа нејзиното последно испраќање. Засега нема официјална потврда за тоа кога и како ќе биде погребана, а кај нејзините читатели останува и дилемата околу односот со нејзиниот син, за кого во една од последните колумни напиша исклучително остри зборови. 

104

Ведрана Рудан почина на 18 август, по долгата борба со тешката болест, а само еден ден подоцна во јавноста повторно се отвораат нејзините стари колумни во кои таа, со карактеристичниот директен стил на пишување и црниот хумор, пишуваше за сопствената смрт, погребот и она што треба да се случи со нејзиното тело по смртта.

Во колумна од 2021 година, Рудан напишала дека сама го организирала својот погреб и платила човек со чамец да ја однесе нејзината урна на отворено море и да го истури пепелот во морето.






Три години подоцна, во мај 2024 година, откако јавно откри дека боледува од рак, Рудан повторно пишува за своето последно испраќање. Во колумната „Rak i ja“ вели дека нејзина пријателка од детството ѝ ветила дека ќе го организира погребот, а нејзиниот пепел, иако тоа, според неа, во тој период тоа било забрането со закон, ќе го расфрла во морето на нивната омилена плажа во Мошќеничка Драга.

Засега нема јавно потврдена информација од семејството за тоа кога и каде ќе биде погребот, ниту како точно ќе биде постапено со пепелта.

По смртта на Рудан повторно се појавија и текстови за нејзиниот наводен конфликт со синот Славен Хрватин. Причината е нејзината колумна „Nakon duge i teške…“, објавена на 11 март 2026 година.

Во неа Рудан пишува дека лекарите во Загреб ѝ рекле дека има уште три месеци живот. Потоа опишува разговор со синот околу семејната куќа. Тој, според нејзината верзија, зборува за тоа како ќе се подели имотот, по што таа гневно одлучува: „Nećeš dobiti ni komadić kuće“, а веднаш потоа пишува дека ниту тој, ниту неговите три деца не сака да ѝ дојдат на погреб.

 

Во мај 2026 година, во текстот „Imati djecu… nemati djecu…“, Рудан повторно пишува за своите деца. Но тогаш опишува поинаква сцена: таа е во болница, а тој доаѓа кај неа, ѝ носи книга која долго ја чекале и кутија Краш дражеи, ѝ помага да ги измие забите и ѝ ја бакнува  раката за добра ноќ. Подоцна, кога таа е повторно дома, синот доаѓа и ѝ прави палачинки.

Како и да е, во моментов медиумите ги преобјавуваат и ги толкуваат нејзините колумни, го претресуваат нејзиниот приватен живот и ги вадат сите можни интересни моменти и реплики од нејзините интервјуа, а Ведрана, онаму каде што е сега, кога би можела, веројатно би напишала уште една иронична колумна за сето тоа.

Поврзани содржини