ХЕЛИКОПТЕРОТ ГО РАЗГОРУВА ОГНОТ, ЌЕ СЕ ГАСНЕ СО „ЕР ТРАКТОРИ“ И СО „ПИНЦГАУЕРИ“ Селото Чаниште и трите манастири се безбедни

Во текот на вчерашниот ден, работник со багер ја повредил ногата, се чекаат информации за видот на повредата.

0

Селото Чаниште е безбедно, не постои опасност за него и за трите манастира, информира денеска во видео изјава, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

– Огнот се движи во насока на мариовското село Крушевица. Линијата е многу долга, но јас сум оптимист дека барем оваа линија денеска ќе ја изгаснеме благодарение на четирите „пинцгауери“ на Дирекцијата, како и огнените тимови на Дирекцијата коишто се поддршка на пожарникарите од Прилеп. Овој крак верувам дека ќе го изгаснеме – додаде Ангелов.






​Во реонот има три манастири, кои се обезбедени, и делумно се контролира огнот со правење пресеки.

– Не постои опасност за овие три манастири што се наоѓаат овде. Рано утрово дојде полициски хеликоптер, повторно наместивме базен за вода — монтажен базен од којшто хеликоптерот ќе полни вода, но тешко е на ова место употребата на хеликоптер бидејќи на некои места со перките го распалува. Иако фрла вода, ефектот е обратен, затоа и веќе нема да го користиме овде хеликоптерот – вели Ангелов.

​„Ер тракторите“ ќе почнат со дејство набргу откако хеликоптерот ќе се тргне.

– Во секој случај, важно е дека нема опасност по ниту едно село. Сите пожарникари, сите лица коишто учествуваат во гаснењето се живи и здрави. Во текот на вчерашниот ден, работник со багер ја има повредено ногата, чекаме информации каква повреда има – соопшти Ангелов.

​Тој информираше дека во овој момент активен е и пожарот кај Студеничани, високо во планината.

– Повеќе чади отколку што гори, исто така погoлема површина, и останува уште еден активен пожар — тоа е пожарот на територијата на Македонски Брод, којшто е прилично совладан. Значи, ветерот којшто еве сега дува, нè принудува да се повлекуваме. За неколку секунди сѐ се смени. Од една релативно мирна атмосфера, во овој наплив на оган – рече Ангелов.

Тој упати голем апел и молба до граѓаните.

– Ве молам внимавајте, доволна е искра за ваква катастрофа. Ова е најголем пожар ова лето на отворен простор. Гори претежно трева, ретки грмушки и ретка, неквалитетна шума, но сепак е вегетација. Се бориме да ја спасиме – рече Ангелов.

Поврзани содржини