🎥 ВО БЕЛГИЈА БЕСНЕЕ ДОСЕГА НЕВИДЕН ПОЖАР Изгореа 3.000 хектари во природен резерват, огнот се доближува до Германија

48

Пожарот во Источна Белгија досега проголта 3.000 хектари (30 квадратни километри) во природниот резерват Високи Мочуришта (Hautes Fagnes). Ова е официјално најголемиот и најразорен шумски пожар во модерната историја на земјата. Огнот избувна во петокот во близина на Баелен, во провинцијата Лиеж, а состојбата денеска (недела) и понатаму е критична и надвор од контрола поради честите промени на правецот на ветерот.

Околу 600 жители од пограничните општини Вајмс, Бутгенбах и Сурбродт беа превентивно евакуирани поради густиот чад и непредвидливото движење на пламенот. Отворени се спортски сали во Малмеди за нивно сместување. Властите наредија евакуираните лица сè уште да не се враќаат во домовите.






Канцеларијата на гувернерот на Лиеж соопшти дека одбранбените линии поставени од противпожарните тимови засега успешно ги штитат куќите. До овој момент нема зафатени домови ниту пак пријавени човечки жртви.

Фронтот на пожарот се наоѓа на помалку од 3 километри од германската граница. Германскиот пограничен град Моншау ги предупреди своите жители во три области привремено да ги напуштат домовите поради екстремното загадување со чад.

Белгија го активираше ЕУ Механизмот за цивилна заштита. На терен веќе дејствуваат три хеликоптери и два авиони за гасење пожари (канадери) испратени од Шведска, Холандија и од Чешка, кои се клучни бидејќи теренот е со тресет и мочуришта и е речиси недостапен за возила.

Гаснењето на пожарот е исклучително тешко поради специфичниот и тешко достапен терен на природниот резерват. Пожарникарите се соочуваат со тресетни земјишта и густи борови шуми каде што огнот лесно се шири под површината, оневозможувајќи го пристапот со стандардни противпожарни возила. Дополнителен проблем претставува променливиот правец на ветерот кој континуирано ги пренасочува јазиците на пламенот.

Повеќе од 250 пожарникари и спасувачи од Белгија, Германија и Луксембург се борат со стихијата. Во акцијата е вклучена и белгиската армија, како и локалните земјоделци кои со трактори и цистерни го наводнуваат земјиштето за да го запрат огнот.

Катастрофата уследи по петтиот топлотен бран во Западна Европа, каде во петокот температурите во Белгија достигнаа до 37 Целзиусови степени по неколкунеделна суша. Пожарникарите се надеваат дека најавеното малку постудено и повлажно време ќе помогне во целосното локализирање на пламенот.

 

Поврзани содржини