РЕСТОРАН ВО ХОЛАНДИЈА НАПРАВИ ТИРАМИСУ ДОЛГ 300 МЕТРИ Огромниот десерт е национален, но не и светски рекорд

За подготовка на десертот биле потрошени околу 15.000 бисквити (пишкоти), тон крем, а беше сервиран на 138 пивски маси, додека во неговата изработка учествуваа околу 120 вработени и волонтери

28

Ресторанот „Mia“ од местото Сантпорт-Норд во холандската провинција Северна Холандија направи тирамису долг 300 метри, за кој сопствениците тврдат дека претставува нов национален рекорд.

За подготовка на десертот биле потрошени околу 15.000 бисквити (пишкоти), тон крем, а беше сервиран на 138 пивски маси, додека во неговата изработка учествуваа околу 120 вработени и волонтери, пренесува порталот „RTL.nl“.






– Тоа беше огромен потфат. Само набавката и ладењето на сите состојки претставуваа голем предизвик – изјави косопственичката на ресторанот, Мерел Клос, за „RTL News“.

Идејата настанала минатата година, кога сопствениците дознале дека светскиот рекорд за најдолг тирамису изнесува 270 метри и планирале да го соборат со правење десерт долг 300 метри. Меѓутоа, во април повеќе од 100 италијански слаткари во Лондон направија уште подолг тирамису и поставија нов светски рекорд, поради што холандските угостители се откажаа од таа цел.

Сепак, одлучија да ја задржат планираната должина од 300 метри, која одговара на должината на тркачката патека на традиционалната селска манифестација во Сантпорт-Норд.

Подготовката на десертот се одржа пред околу 800 посетители, кои купија билети за да присуствуваат на настанот и да дегустираат дел од тирамисуто.

Сопствениците на ресторанот наведоа дека немаат намера следната година да го повторат овој потфат, истакнувајќи дека организацијата била исклучително тешка и претставувала голем логистички предизвик.

Поврзани содржини