ПРИВАТНИТЕ КОНТАКТИ НА АНЏЕЛИНА ЏОЛИ И РОБЕРТ ДЕ НИРО ПРОТЕКОА ВО ЈАВНОСТ Голем сајбер напад на филмскиот фестивал „Трајбека“
Лични податоци, телефонски броеви, приватни е-пошти и информации за уредите на јавни личности и холивудски ѕвезди, меѓу кои и Анџелина Џоли и Роберт Де Ниро биле наводно откриени по голем безбедносен пропуст
Анџелина Џоли и Роберт де Ниро се меѓу холивудските ѕвезди чии контакт-податоци наводно биле изложени по безбедносен пропуст, тврди експерт за сајбер-безбедност за The Sun.
Според неговите наводи, личните телефонски броеви и приватните адреси за електронска пошта на актерите станале јавно достапни откако неколку бази на податоци поврзани со филмскиот фестивал Трајбека биле поставени на интернет.
Меѓу познатите личности чии податоци наводно биле компромитирани се и режисерите Мартин Скорсезе, Џорџ Лукас и Дени Бојл, како и актерите Морган Фримен, Џенифер Лоренс и Винона Рајдер.
Експертот за сајбер-безбедност Џеремаја Фаулер, кој прв ја објавил информацијата за инцидентот, изјавил дека минатиот месец го контактирал фестивалот Трајбека откако случајно наишол на протечените податоци.
Според него, четирите компромитирани бази содржеле околу 666.000 записи од периодот меѓу 2019 и 2026 година, поврзани со годишниот филмски фестивал во Њујорк, основан од Роберт де Ниро.
Најголемиот дел од документите биле маркетиншки материјали, но една од базите содржела телефонски броеви и адреси за електронска пошта на познати личности, што, според Фаулер, укажува дека станува збор за нивни лични контакти.
Таквиот пропуст би можел да ги изложи славните личности на фишинг-измами, малициозен софтвер и пораки од измамници кои би се претставувале како нивни пријатели или членови на семејството.
Фаулер, истражувач во американската компанија за информатичка безбедност Black Hills Information Security, за британскиот весник „Сан“ изјавил дека станува збор за „најголемата колекција на податоци за славни личности што некогаш ја видел“.
Тој додал дека особено загрижувачки биле информациите за уредите што ги користеле лицата чии податоци биле изложени.
– Имаше папка во која беа наведени информации за нивните уреди врз основа на адресите за електронска пошта. Се гледаше која верзија на Ајфон користат, дали користат веб-прелистувач Сафари и која верзија на софтверот ја имаат. Тоа може да им даде многу дополнителни информации на сајбер-криминалците – изјавил тој.
Фаулер тврди дека го известил фестивалот Трајбека за проблемот само неколку дена пред почетокот на годинашното 12-дневно издание на манифестацијата.
Од фестивалот тогаш му одговориле дека „многу сериозно ги сфаќаат прашањата поврзани со безбедноста на податоците“ и дека активно го истражуваат случајот. Воедно соопштиле дека базите во меѓувреме биле отстранети.
Засега не е познато колку долго информациите биле јавно достапни, ниту кој можел да им пристапи. Исто така, нема докази дека самиот фестивал Трајбека е одговорен за наводното протекување на податоците.
Фаулер своите сознанија ги објавил во блог за една компанија што нуди ВПН-услуги, повеќе од еден месец откако, како што тврди, првпат ги открил податоците.
Во текстот нагласил дека како етички истражувач не ги презема податоците што ги пронаоѓа, туку проверува ограничен број записи за да ја потврди природата на изложеноста и одговорно да ги извести засегнатите страни.
Во последниве години бројни славни личности беа мета на сајбер-напади. Меѓу најпознатите случаи е хакирањето на повеќе од 100 профили на Твитер во 2020 година, пред платформата да биде преименувана во Икс.
Тогаш беа компромитирани профили на Илон Маск, Канје Вест, Ким Кардашијан, Барак Обама, Џо Бајден, Бил Гејтс и Џеф Безос, кои биле искористени за промоција на измама поврзана со биткоин.
Главниот организатор на нападот, американски тинејџер кој во тоа време имал 17 години, подоцна ја признал вината, а уште неколку лица биле обвинети и осудени во врска со случајот.