📽️ ПЕКОЛОТ СЕ ШИРИ КОН МАДРИД, ГРАЃАНИТЕ ДОБИЛЕ СМС-ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Наредени се итни евакуации, се вклучи и војската

Шумскиот пожар што избувна во покраината Толедо се прошири кон Мадрид, поради што властите наредија евакуации, изолација на населени места и ангажирање на Воената единица за вонредни состојби.

165

Шумскиот пожар што избувна попладнево во шпанската покраина Толедо се прошири и на територијата на Мадрид, поради што властите презедоа итни мерки за заштита на населението. Регионалната агенција за безбедност и итни случаи на Мадрид (ASEM112) испрати предупредувања до граѓаните преку системот „ES-Alert“, наредувајќи евакуација и останување во домовите во најзагрозените подрачја.

Првото предупредување било испратено околу 19 часот, откако пожарот се проширил од местото Алморокс во покраината Толедо. Евакуирана е населбата Ел Енсинар дел Алберче, со околу 1.200 жители, додека на жителите на општината Виља дел Прадо, која има околу 7.700 жители, им било наредено да останат во своите домови.

 






Околу 20:30 часот следувало ново предупредување, со кое жителите на населбите Рибера дел Алберче, Ринкон дел Алберче и блискиот камп биле повикани да се засолнат во внатрешноста на местото Алдеа дел Фресно.

На жителите на Виља дел Прадо им било наредено до понатамошно известување да не ги напуштаат домовите и да ги држат затворени прозорците и вратите, додека на граѓаните кои се евакуираат им било препорачано да бидат особено внимателни поради многу слабата видливост предизвикана од густиот чад.

Владата на автономната заедница Мадрид го активираше второто ниво од Планот за заштита од шумски пожари, кое се прогласува кога огнената стихија претставува закана за населени места.

 

Ова ниво предвидува можност за задолжителна евакуација или изолација на населбите, ангажирање државни ресурси, вклучително и Воената единица за вонредни состојби (UME), како и користење на системот за масовно предупредување на населението.

Планот бил активиран откако службата за гаснење шумски пожари на Кастиља-Ла Манча (Infocam) го затворила магистралниот пат „N-403“ кон Толедо поради ширењето на пожарот.

На терен моментално се ангажирани 19 копнени и воздушни екипи составени од пожарникари, шумски пожарникари и шумарски служби од Мадрид, а поради опасноста е затворен и патот М-507 во правец на Навалкарнеро.

 

Регионалните власти потврдија дека во акцијата за гаснење се вклучила и Воената единица за вонредни состојби, која ќе воспостави команден центар во зоната на пожарот.

Техничарот за шумски пожари од Кастиља-Ла Манча, Алфонсо Дијаз Нието, изјави дека пожарот уште од самиот почеток претставувал сериозна закана за населените места.

Според него, огнот зафатил густа борова шума, се проширил кон крошните на дрвјата и се доближил до повеќе населби, поради што веднаш биле воведени мерки за заштита на населението, вклучително и евакуација и изолација на одделни места.

Тој додаде дека службите од Кастиља-Ла Манча и Мадрид заеднички работат на локализирање на пожарот, бидејќи огнената стихија се наоѓа на границата меѓу двете автономни заедници.

Поврзани содржини