НОВИОТ ЛИДЕР НА ХАМАС СО ПРВА ПОРАКА Бара прекин на војната, но молчи за разоружувањето

Првото обраќање на Халил ал Хаја по изборот за лидер на Хамас донесе повици за прекин на огнот и повлекување на Израел, но без став за едно од клучните барања на мировниот план.

0

Новиот лидер на палестинското исламистичко движење Хамас, Халил ал Хаја, денеска порача дека ќе ја продолжи досегашната политика на организацијата, нагласувајќи дека главен приоритет ќе биде обновувањето на достоинствениот живот на населението во Појасот Газа, јави ДПА.

Во своето прво обраќање, откако во понеделникот беше избран за лидер на Хамас, Ал Хаја повика на прекин на израелските воени операции во Газа, воспоставување сеопфатен прекин на огнот и повлекување на израелските сили.






Тој ја повика и меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за исполнување на обврските од мировниот план за Блискиот Исток, договорен со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Планот, меѓу другото, предвидува и разоружување на Хамас како еден од клучните услови за обновата на Појасот Газа, но Ал Хаја во своето обраќање не се осврна на ова прашање.

Во Појасот Газа е во сила договор за прекин на огнот од октомври 2025 година, иако израелските воздушни напади и другите вооружени инциденти и натаму предизвикуваат жртви.

Според различни проценки, Израел контролира меѓу 65 и 70 проценти од палестинската територија, додека блискоисточните аналитичари оценуваат дека Хамас ја консолидирал својата власт во областите што остануваат под негова контрола.

Шеесет и петгодишниот Ал Хаја е роден во Појасот Газа, но најголемиот дел од последните години живее во Катар.

Минатата година израелските воздухопловни сили се обидоа да го нападнат раководството на Хамас во катарската престолнина Доха, а според медиумските извештаи, Ал Хаја бил меѓу целите на нападот.

Четворица негови синови загинаа во израелски напади.

Поврзани содржини