МАДУРО ПРЕД СУДOT ВО ЊУЈОРК Судскиот процес има официјален датум

Во Федералниот суд во Менхетен е одреден почетокот на судскиот процес против поранешниот венецуелски претседател, кој ги негира сите обвиненија.

65

Почетокот на судскиот процес против соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој во Њујорк е обвинет за трговија со дрога, е закажан за 1 јуни 2027 година, беше соопштено на денешното подготвително рочиште во Федералниот суд во Менхетен.

Против 63-годишниот поранешен претседател, кој, според обвинението, беше уапсен од американските сили во Каракас на почетокот на годинава и од 3 јануари се наоѓа во затвор во Бруклин, се поднесени четири обвиненија, меѓу кои и за наркотероризам.






Неговата 69-годишна сопруга Силија Флорес е обвинета по три точки од обвинението.

Двајцата ги негираат обвиненијата.

Во писмото испратено вчера до федералниот судија Алвин Хелерштајн, кој го води процесот, обвинителот Џеј Клејтон и одбраната заеднички побараа судењето да започне во јуни 2027 година.

До ова дојде откако американската администрација ѝ дозволи на Венецуела да ги плати трошоците за правната одбрана, што претходно беше блокирано поради меѓународните санкции против земјата.

При своето прво појавување пред судот во Њујорк, непосредно по апсењето, Мадуро се нарече „воен заробеник“.

Покрај кривичните обвиненија, семејствата на петмина млади луѓе убиени во Венецуела на почетокот на јули поднесоа и граѓанска тужба против Мадуро, обвинувајќи го дека наредил нивна егзекуција како дел од поширок модел на државно насилство.

По неговото соборување од власт, функцијата привремено ја презеде Делси Родригез, која управува со земјата под силен притисок од Вашингтон.

Поврзани содржини