30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА РАКОВОДИТЕЛИТЕ НА „КОМУНАЛЕЦ“ Асани, Уредини и Дервиши зад решетки поради случајот со загадената вода во Гостивар

Основниот суд во Гостивар го прифати предлогот на Обвинителството. Тројцата осомничени ќе бидат префрлени во КПУ Затвор Скопје, а истрагата за загадувањето на водата продолжува.

457

Основниот суд во Гостивар им определи 30-дневен притвор на тројцата осомничени во случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар – Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои се на раководни позиции во Јавното претпријатие „Комуналец“.

Одлуката ја донел судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски, откако Основното јавно обвинителство Гостивар доставило предлог за определување мерка притвор.






Портпаролката на Основниот суд Гостивар и судија во кривичниот оддел, Драгослава Веселинова, информираше дека судот го прифатил предлогот на обвинителството и донел решение за притвор со број КПП 237/26.

– Решенијата за притвор се доставени до осомничените, а мерката ќе ја издржуваат во КПУ Затвор Скопје – Скопје – изјави Веселинова.

Според судот, притворот е определен поради тежината на делото за кое се товарат осомничените, но и поради опасноста од бегство и можноста за влијание врз сведоци кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка.

– Основното јавно обвинителство Гостивар спроведе истражна постапка против осомничените Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, поради сомнение дека сториле кривично дело тешки дела против животната средина и природата. Обвинителството предложи притвор поради запретената казна, која е најмалку четири години затвор, како и поради опасноста осомничените да влијаат врз сведоците или да се дадат во бегство – рече Веселинова.

Тројцата се сомничат дека со дејствија поврзани со системот за водоснабдување во Гостивар овозможиле мешање на загадена вода со водата од системот за пиење, по што водата во градот и околните населени места стана небезбедна за употреба.

Случајот беше отворен откако Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство препорачаа граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, готвење и други намени поради утврдена загаденост.

На прес-конференцијата во Основниот суд во Гостивар присуствуваа и в.д. претседателот на судот Мирослав Петровски и судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски.

Истражната постапка против тројцата осомничени продолжува.

ВО КАПТАЖАТА ВО ГОСТИВАР БИЛЕ ОТКРИЕНИ 39 КОЛИФОРМНИ БАКТЕРИИ На виновниците им се закануваат најмалку 4 години затвор

ВО ГОСТИВАРСКИОТ ВОДОВОД БИЛА ПРИКЛУЧЕНА ВОДА ОД ОТВОРЕН КАНАЛ „Комуналец“ немал дозвола за приклучокот

ПРОДОЛЖУВА ТРЕНДОТ НА НАМАЛУВАЊЕ НА НОВОПРЕГЛЕДАНИ ПАЦИЕНТИ Во понеделникот во Гостивар 183 нови пациенти побарале лекарска помош

ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ 30-ДНЕВНА КРИЗНА СОСТОЈБА ВО ГОСТИВАР Локалната власт не може да се справи со состојбата со водата

 

Поврзани содржини