СТИГНА НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ Пороен дожд, силен ветер и грмотевици го зафатија градот

Во делови од главниот град има прекин на електричната енергија, а засега нема информации за предизвикани штети. Надлежните служби се на терен и подготвени за интервенции.

1,053

Најaвеното силно невреме попладнево започна да го зафаќа Скопје. Во делови од градот врне пороен дожд, дува силен ветер, а се слушаат и интензивни грмотевици.

Засега нема официјални информации за предизвикани материјални штети, повредени лица или посериозни последици од невремето. Во некои населби граѓани пријавуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија.






Невремето доаѓа по најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која предупреди на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и можност за појава на град.

Поради најавените временски непогоди, Кризниот штаб на Град Скопје одржа состанок, а градските служби се ставени во состојба на подготвеност за навремено реагирање доколку има потреба.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претходно информираше дека екипите се подготвени за справување со евентуални последици од невремето.

Од Град Скопје соопштија дека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ континуирано работеа на расчистување на канализациската мрежа, шахтите и сливниците, со цел да се овозможи непречено одведување на атмосферските води и да се намали ризикот од поплавување на критичните точки.

Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат внимателни, особено при движење во сообраќајот, да избегнуваат места со можност за паѓање на гранки и дрвја и да ги следат информациите од институциите.

Поврзани содржини