ТРАМП СО ОСТРА ЗАКАНА ДО ТЕХЕРАН Иран ќе плати за секој наш загинат војник, порача претседателот

Американскиот претседател реагира по смртта на тројца припадници на американските сили, додека во исто време порача дека Нетанјаху нема да биде уапсен при посетата на САД.

264

Американскиот претседател реагира по смртта на тројца припадници на американските сили, додека во исто време порача дека Нетанјаху нема да биде уапсен при посетата на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран „ќе плати“ за смртта на секој американски војник, откако во изминатиот период беа регистрирани најсмртоносните напади врз американските сили во последните неколку месеци.






– Тие ќе платат за секој наш војник што ќе биде убиен – изјави Трамп, без да прецизира каков одговор подготвува Вашингтон.

Американските вооружени сили во саботата соопштија дека двајца американски војници загинале во напади поврзани со Иран.

Дополнително, Централната команда на американските вооружени сили (СЕНТКОМ) вчера информираше дека уште еден американски војник загинал во Северен Ирак додека бил ангажиран на деактивирање неексплодирана муниција од соборен ирански дрон-камиказа.

Според американските власти, изминатата недела била период со најголем број загинати американски војници во последните неколку месеци.

Одделно од изјавите поврзани со Иран, Трамп порача дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да биде уапсен за време на неговата посета на САД.

Изјавата на американскиот претседател доаѓа откако градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, неодамна спомна можност Нетанјаху да биде уапсен доколку го посети градот во септември, за време на Генералното собрание на Обединетите нации.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) има издадено налог за апсење за Нетанјаху поради наводи за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

Налогот е поврзан со израелската воена операција во Газа, која започна по нападот на палестинската вооружена група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Поврзани содржини