НЕВРЕМЕ НАПРАВИ ПУСТОШ ВО ИСТОКОТ И ЈУГОИСТОКОТ Паднати дрвја, пожари, оштетени кровови и бандери, службите цела вечер на терен

Силниот ветер и поројниот дожд предизвикаа штети во Струмичко, Радовишко, Делчево и Ново Село. Пожарникарите и општинските служби интервенираат, а граѓаните се предупредени на зголемена внимателност.

1,520

Силното невреме проследено со пороен дожд и силен ветер попладнево и вечерва зафати повеќе делови од источна и југоисточна Македонија, оставајќи зад себе паднати дрвја, пожари, оштетени кровови, бандери и електрична инфраструктура. Најпогодени се Струмичкиот, Радовишкиот и Делчевскиот регион, каде надлежните служби со часови интервенираат за расчистување на последиците.

Во Радовиш, четири противпожарни возила и девет пожарникари интервенирале на три различни улици за отстранување на паднати дрвја, по што сообраќајот бил нормализиран.






Во селото Подареш избувнал пожар на постар објект, откако искри од оштетени електрични жици го зафатиле објектот. Пожарот бил брзо локализиран од радовишките пожарникари.

Во Струмичко пожарникарите интервенирале при пожар во штала во селото Висока Маала, како и при пожар на сува трева во Муртино. Истовремено, било отстрането и паднато дрво од коловозот кај Ново Село.

Од Територијалните противпожарни единици апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и други опасни места, а секој пожар или опасност веднаш да го пријават на телефонските броеви 112 или 193.

Од Општина Ново Село информираа дека невремето предизвикало бројни паднати дрвја, бандери и оштетени електрични кабли, поради што на терен работат екипи на локалната самоуправа и ЈП „Македонија пат“.

– Нашите екипи заедно со екипите на ЈП „Македонија пат“ веќе се на терен и работат напорно, но штетите се преголеми и ќе бидат потребни неколку часови за да се нормализираат и исчистат патиштата – велат од Општина Ново Село.

Локалната самоуправа ги повика возачите да бидат особено внимателни на патните правци Сушица – Ново Село, Ново Село – Мокриево, Мокрино – Смолари и Смолари – Ново Село, каде има бројни пречки на коловозите.

Силното невреме не го одмина ниту Делчево, каде најсериозно е оштетен кров на објект, а штети има и на повеќе куќи, електрични столбови и патната инфраструктура.

Градоначалникот Иван Гоцевски изјави дека, според досегашните информации, нема повредени лица.

– Дел од жителите, меѓу кои и деца, се безбедно евакуирани. Поради паднати дрвја на повеќе патни правци, во расчистувањето се вклучени Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, како и екипи со специјализирана механизација – изјави Гоцевски.

Во акцијата за расчистување ќе се вклучат и шест вработени од шумското стопанство со моторни пили, кои ќе работат на отстранување на паднатите дрвја и воспоставување нормална проодност на патиштата.

Надлежните ги повикаа и граѓаните кои сакаат доброволно да помогнат да се пријават во Територијалната противпожарна единица или во Центарот за управување со кризи, каде ќе добијат насоки за безбедно вклучување во акцијата.

Покрај оштетените кровови, невремето предизвика и дефекти на електроенергетската мрежа, при што беа оштетени повеќе бандери и електрични водови.

Поврзани содржини