ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ДА ЈА ОБЈАВИ ЦЕЛАТА КОМУНИКАЦИЈА ЗА ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ Нова иницијатива на Лилјана Поповска и на Гоце Перовски, македонски активист во Германија

Подносителите сакаат да утврдат дали Европската комисија изработила правни анализи за последиците од таа декларација врз пристапниот процес на Македонија.

912

Поранешната пратеничка Лилјана Поповска, која е подносител на иницијативата до Уставниот суд за поништување на таканаречениот Втор протокол, заедно со македонскиот активист од Германија и член на Партијата на зелените Гоце Перовски, поднеле барање до Генералниот секретаријат на Европската комисија, односно до Одделот за транспарентност и пристап до документи, со кое бараат увид во целокупната комуникација поврзана со подготовката на преговарачката рамка за Македонија и Вториот протокол.

Во барањето, поднесено согласно Регулативата (ЕЗ) бр. 1049/2001 за јавен пристап до документите на институциите на Европската Унија, се бара пристап до правни мислења, анализи, белешки и друга документација изработена од Правната служба на Европската комисија, како и од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR, денес DG ENEST).






Особено внимание е насочено кон преписката меѓу службите на Европската комисија, Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ и Француското претседателство со Советот во периодот од јануари до јули 2022 година, кога беше финализирана преговарачката рамка за Македонија. Поповска и Перовски сметаат дека токму оваа комуникација може да покаже како Вториот протокол бил вграден во европскиот преговарачки процес.

Во документот се бара и увид во сите правни оцени што се однесуваат на едностраната декларација на Бугарија за македонскиот јазик, која е приложена кон документите на Советот на ЕУ. Подносителите сакаат да утврдат дали Европската комисија изработила правни анализи за последиците од таа декларација врз пристапниот процес на Македонија.

Поповска во барањето наведува дека постои силен јавен интерес за објавување на овие документи, бидејќи тие се поврзани со темелните вредности на Европската Унија, со законитоста на пристапниот процес на Македонија и со правната положба на граѓаните со македонско потекло. Таа потсетува дека пред Уставниот суд веќе е во тек постапка по нејзината иницијатива за поништување на Вториот протокол.

Во барањето се повикува и на судската практика на Судот на правдата на Европската Унија, според која секој документ мора да биде оценет поединечно при одлучувањето дали ќе биде објавен, а не може автоматски да се одбие пристапот до цели категории документи. Доколку некои делови се доверливи, Поповска бара да ѝ биде овозможен барем делумен пристап до нивната содржина.

Од Европската комисија се бара документите да бидат доставени во електронска форма, како и потврда за прием на барањето, со очекување одговорот да биде испратен во рок од 15 работни дена, како што предвидува европската регулатива.

Иницијативата доаѓа во период кога во Македонија повторно се отвораат правни и политички прашања поврзани со Вториот протокол и неговото место во преговарачката рамка со Европската Унија. Доколку Европската комисија одобри пристап до бараните документи, тие би можеле да понудат дополнителни информации за начинот на кој биле донесувани одлуките во текот на преговарачкиот процес во 2022 година.

Поврзани содржини