„САМО ГАЗЕЊЕ“ ЗА ВИДИНОВСКИ Нови закани кон новинарот, се бара итна реакција од МВР и Обвинителството

Под видео на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски беше објавен коментар со повик за насилство кон новинарот Александар Видиновски, по што следуваа реакции од политички партии и барања за итна институционална постапка.

2,447

По новите закани упатени кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, реагираа политички партии, а се бара МВР и Обвинителството итно да ги идентификуваат и санкционираат одговорните.

Нови закани за физичко насилство кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, се појавија на социјалните мрежи, откако под видео објавено од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, беше оставен коментар со повик за насилство.






Во коментарот, корисник на социјалните мрежи напишал:

„Ај бе преку таквото со тој Видиновски… Што направил корисно, што снимал ѓубре?! […] само газење.“

Според информациите, случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, а за заканите реагирале и новинарските здруженија.

Во реакцијата се посочува дека заканите кон новинарите претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

Од ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудија заканите упатени кон Видиновски, оценувајќи дека во демократско општество новинарите мора да можат слободно и без страв да ја вршат својата работа.

„Заканите, говорот што поттикнува насилство и повиците за физичка пресметка се целосно неприфатливи и претставуваат директен удар врз слободата на медиумите и правото на информирање“, наведуваат од партијата.

Оттаму ги повикаа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство без одлагање да ги идентификуваат лицата кои упатуваат вакви закани и да преземат соодветни законски мерки.

„Секој што повикува на насилство мора да сноси одговорност, без разлика на неговата политичка или која било друга припадност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со осуда се огласи и Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде оценуваат дека заканите кон новинарите не смеат да се релативизираат.

„Заканите кон новинари не се личен конфликт, туку директен напад врз слободата на медиумите и демократскиот поредок“, наведуваат од ЛДП.

Партијата предупредува дека говорот на омраза и навредливата политичка комуникација создаваат атмосфера во која насилството станува прифатлив начин на пресметка со неистомислениците.

Од ЛДП побараа надлежните институции итно да ги идентификуваат и санкционираат одговорните за заканите и да обезбедат ефикасна заштита за новинарот.

Поврзани содржини