ТРАМП СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА КОН ПЕКИНГ Тврди дека Кина се вмешала во американските избори

Американскиот претседател тврди дека декласифицирани разузнавачки документи покажуваат кинеско мешање во изборите во 2020 година, додека Пекинг категорично ги отфрла обвинувањата.

97

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека декласифицирал разузнавачки информации кои, според него, покажуваат кинеско мешање во американските претседателски избори во 2020 година, повторувајќи ги долгогодишните обвинувања за изборната безбедност.

Трамп тврди дека Кина незаконски прибавила изборни податоци за околу 220 милиони Американци, меѓу кои имиња, адреси и други информации поврзани со регистрацијата на гласачите. Тој обвини и дека делови од американската разузнавачка заедница намерно ги прикривале размерите на наводните кинески активности.






Сепак, овие тврдења се косат со некласифицираната проценка на американските разузнавачки служби од 2021 година, според која нема докази дека која било странска држава успеала да влијае врз техничките аспекти на претседателските избори во 2020 година, вклучително регистрацијата на гласачите, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечниот изборен резултат.

Во своето 25-минутно обраќање Трамп ја истакна изборната безбедност како едно од клучните политички прашања пред конгресните избори во ноември. Тој ги повика републиканците во Конгресот да усвојат построги правила за идентификација на гласачите и задолжителен доказ за државјанство при гласањето.

Американскиот претседател изјави и дека на телевизиските мрежи кои не го пренеле неговото обраќање треба да им бидат одземени лиценците.

Проценката од 2021 година била изработена под раководство на тогашниот директор на Националното разузнавање Џон Ретклиф, кој подоцна стана директор на ЦИА.

Во пресрет на говорот на Трамп, неколку претставници на Белата куќа изразиле загриженост дека објавувањето на информациите за Кина може да биде погрешно протолкувано, јавуваат светските агенции. Според нивните оценки, новите обвинувања кон Пекинг би можеле повторно да ги заострат односите меѓу двете земји, кои во изминатиот период почнаа постепено да се стабилизираат по трговските тензии.

Трамп најави дека во септември планира да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, на разговори посветени на подобрување на трговските односи меѓу САД и Кина.

Во меѓувреме, портпаролот на кинеската амбасада во САД, Лиу Чанг, ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека Кина „никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во претседателските избори во САД“.

Поврзани содржини