🎥 ГО УБИЈА НА ПРАГОТ ОД НЕГОВАТА ЛУКСУЗНА ВИЛА ВО МАЈАМИ Ни по 29 години не се знае зошто беше ликвидиран Џани Версаче

Иако поминаа речиси три децении од неговата смрт, вистинскиот мотив на убиецот Ендру Кјунанан никогаш не беше откриен, а случајот и денес предизвикува бројни теории и шпекулации.

104

На 15 јули 1997 година светот беше потресен од веста за трагичната смрт на славниот моден дизајнер Џани Версаче. Иако од неговото убиство поминаа речиси три децении, мотивот за злосторството никогаш не беше целосно разјаснет. Версаче беше застрелан пред својата куќа во Мајами Бич од Ендру Кјунанан, сериски убиец за кого подоцна медиумите пишуваа дека работел како машка придружба.

Само осум дена по убиството, Кјунанан си го одзеде животот со истиот пиштол со кој го уби дизајнерот. Тој беше одговорен и за смртта на уште четири лица, а во моментот на смртта имаше само 27 години. Бидејќи не оставил проштално писмо, вистинските причини за неговите убиства никогаш не беа утврдени.






Според сведочења на очевидци, младиот маж му пришол на Версаче пред неговиот дом и му испукал два куршуми во тилот. Лекарите во болницата можеле само да ја констатираат смртта. Познатиот дизајнер бил последната жртва на Кјунанан, но никогаш не била утврдена врска меѓу сите негови жртви.

Се шпекулираше дека Ендру и Џани еднаш се сретнале во Сан Франциско, но никој не успеал да потврди дали станувало збор за случајна средба или се познавале од порано. Во јавноста се појавија и теории дека зад убиството можеби стоела италијанската мафија.

Причина за ваквите сомнежи бил начинот на кој бил извршен злосторот – истрели од непосредна близина во главата и вратот, што потсетувало на мафијашки егзекуции. Неколку години подоцна, двајца високорангирани припадници на мафијата тврделе дека Кјунанан бил само извршител и дека Версаче наводно бил ликвидиран поради наводни врски со перење пари.

Сепак, овие тврдења никогаш не беа докажани, а полицијата го затвори случајот по смртта на Кјунанан.

Џани Версаче е роден во 1946 година во Италија. Имал брат по име Санто и сестрата Донатела, додека неговата постара сестра Тина починала од тетанус кога имала само 12 години. По образование бил архитект, но никогаш не работел во таа професија. Наместо тоа, ја следел својата страст кон модата, инспириран од мајка му, која била кројачка.

Во 1978 година ја отвори својата прва модна куќа во Милано, град кој и денес важи за една од светските модни престолнини. Неговите креации брзо привлекоа внимание, а клиентелата стануваше сè повлијателна и побогата.

Фустаните на Версаче беа препознатливи по тоа што ја нагласуваа женската фигура без да бидат вулгарни. Италијанките вљубени во модата брзо станаа и обожавателки на неговиот талент, што значително придонесе за неговиот пат кон светската слава.

Покрај модните ревии и екстравагантните креации, јавноста често се интересираше и за неговиот приватен живот. Версаче никогаш не ја криел својата хомосексуалност и отворено зборувал за неа.

По бројни љубовни врски, својот мир го пронашол со партнерот Антонио Д’Амико, со кого живеел во вилата во Мајами пред која трагично го загуби животот.

Само неколку дена пред убиството, Версаче славел уште една успешна модна ревија во Париз, опкружен со најпознатите манекенки во светот и со гламурот што го следеше во текот на целата кариера.

Зад себе остави модна империја која по неговата смрт ја презеде неговата сестра Донатела Версаче, продолжувајќи да го развива брендот што и денес е симбол на луксуз и висока мода.

 

Поврзани содржини