МЕЧКА „СЕ НАВЛЕКЛА“ НА СЛАТКИ ПА ОГРАБУВА ФРИЖИДЕРИ ВО ЈАПОНСКИ ГРАД Полицијата трага по необичниот крадец
Кражби досега се пријавени на пет локации во североисточниот град Шизукуиши, поради што властите претпоставуваат дека може да станува збор за истата мечка. Поставени се стапици во форма на кафези, инсталирани се електрични огради околу куќите кои постојано биле цел на напади, а воведени се и патроли за да ги предупредат жителите за опасноста.
Jапонските власти бараат мечка која влегла во домот на постара двојка и им го ограбила фрижидерот. Се сомнева дека истото животно може да биде одговорно за 14 кражби во јапонскиот град во последните две недели.
Во понеделник вечерта, 87-годишниот Мицуо Мацубара се сретнал лице в лице со голема азиска црна мечка кога отишол да провери од каде доаѓа бучавата од кујната. Фрижидерот бил отворен, а храната била расфрлана по подот. Неговата сопруга ја повикала полицијата.
Кражби досега се пријавени на пет локации во североисточниот град Шизукуиши, поради што властите претпоставуваат дека може да станува збор за истата мечка. Поставени се стапици во форма на кафези, инсталирани се електрични огради околу куќите кои постојано биле цел на напади, а воведени се и патроли за да ги предупредат жителите за опасноста, пишува Гардијан.
– Невообичаено е мечка да провали на истото место повеќе пати. Можно е да станува збор за истото животно, па затоа сакаме да го фатиме што е можно поскоро – изјави Шихо Чида, експерт за мечки од одделот за заштита на природата во префектурата Ивате, каде што се наоѓа градот Шизукуиши.
Минатиот петок, еден локален жител се врати од шопинг и најде мечка во својата куќа, недалеку од собата каде што спиел татко му. Животното избегало кога човекот удрил во блиската врата.
Но, мечката се обидела да се врати внатре, па човекот се мачел околу 30 секунди да ја држи лизгачката врата затворена додека таа на задните нозе и се обидувала да влезе. Тој ја опишал како животно високо околу 1,65 метри.
Следната вечер, една жена ја нашла мечката како бара храна во нејзината кујна, а во неделата, таа провалила во јапонска продавница за слатки и зела крофни од фрижидерот.
Склоноста на мечката кон слатки наводно ја однела во истата куќа веќе пет пати, каде што јадела бисквити, шеќер и каринто, јапонски колач направен од пржено тесто прелиено со шеќер.
Во последниве години, Јапонија забележа рекорден број напади и смртни случаи од мечки. Експертите веруваат дека намалувањето на бројот на жители во руралните средини влијаело мечките помалку да се плашат од луѓето.