ИРАН ГИ НАПАЃА СОЈУЗНИЦИТЕ НА САД ВО ЗАЛИВОТ На удар Јордан, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати…

Исламската револуционерна гарда го повика јорданскиот народ да бара отстранување на американските бази од нивната земја.

133

Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) објави дека истрелала балистички ракети врз американска воздухопловна база во Јордан.

Во соопштението објавено од новинската агенција Фарс, ИРГЦ го повика јорданскиот народ да бара отстранување на американските бази од нивната земја.






„Вие добро знаете дека не чувствуваме никакво непријателство кон вашата земја. Всушност, ве сакаме благородни луѓе, бидејќи ја разбирате болката и страдањето на палестинскиот народ подобро од кој било друг, се наведува во соопштението на ИРГЦ.

Јорданските власти претходно потврдија дека собориле четири ирански ракети што навлегле во воздушниот простор на земјата. Според првичните извештаи, во инцидентот нема жртви или материјална штета.

Во меѓувреме Обединети Арапски Емирати соопштија дека иранска крстосувачка ракета погодила два нивни нафтени танкери во Ормуска Теснина, при што загина еден морнар од Индија, а осум се повредени.

И Оман денеска соопшти дека е погоден танкер во близина на брегот Мусандама, при што 18 морнари се евакуирани, а тројца се водат како исчезнати.

ИРГЦ тврди дека погодените танкери во Ормуска Теснина ги игнорирале предупредувањата, ги исклучиле навигациските состави и се обидел да поминат низ минираната рута.

Попладнето властите во Кувајт соопштија дека земјата е под воздушен напад.

– Вооружените сили во моментов пресретнуваат непријателски цели во кувајтскиот воздушен простор, соопшти Генералштабот на армијата во соопштение, при тоа ги повика луѓето да „ги следат безбедносните упатства издадени од властите“.

Иран изминатите денови изврши повеќекратни напади врз Кувајт и другите сојузници на САД во Персиски Залив, како одговор на американските напади врз негова територија.

Во меѓувреме, иранската новинска агенција Фарс јави дека попладнево биле регистрирани неколку експлозии на островот Кешм, во близина на Ормуска Теснина. Фарс наведе дека областа Масан на островот Кешм изминатите денови била неколку пати нападната од американскиот непријател.

Американските сили денеска нападнаа и четири локации во градот Бушер. Нападот врз градот Бушер уследи по експлозиите во пристанишниот град Бандар Абас и во Џогатаи. Во покраината Бушер е лоцирана единствената активна иранска нуклеарна електрана.

Поврзани содржини