„УЖАСОТ“ НА „ОТВОРЕН БАЛКАН“ БЕШЕ ШТО ГО ПОДДРЖУВАВМЕ ЈАС И ВУЧИЌ Еди Рама објаснува зошто пропадна иницијативата за регионално поврзување

Ако ги отстраниме нашите имиња и ги замениме со, да речеме, пет други, тоа ќе се сметаше за одлична идеја – вели премиерот на Албанија.

155

Иницијативата „Отворен Балкан“ не била отфрлена поради нејзината содржина, туку поради луѓето кои ја поддржувале, смета албанскиот премиер Еди Рама.

Тој во интервју за „Еуроњуз Србија“ изјави дека главната причина за негативните реакции кон проектот било тоа што зад него стоеле тој и српскиот претседател Александар Вучиќ.






– Тоа беше ужасна идеја од единствена причина што Вучиќ и јас стоевме зад неа. Ако ги отстраниме нашите имиња и ги замениме со, да речеме, пет други, тоа ќе се сметаше за одлична идеја. Така функционира сè на Балканот – изјавил Рама, пренесе албанската државна агенција АТА.

Зборувајќи за односите со Вучиќ, Рама рекол дека српскиот претседател „секогаш е тежок партнер“.

Албанскиот премиер позитивно ја оцени трансформацијата на Црна Гора, но нагласи дека постигнатиот напредок сам по себе не е доволен.

– Црна Гора беше извонредна во начинот на кој се трансформираше, од брод поврзан со шверц до жолта подморница што сите ја сакаат. Им симнувам капа, го почитувам тоа. Тие постигнаа извонреден напредок, но само тоа не е доволно – рече Рама во интервјуто за „Еуроњуз Србија“, кое наскоро треба да биде целосно објавено.

Според него, односот меѓу Европската Унија и Западниот Балкан е меѓусебно зависен.

– На Европа денес ѝ е потребен Западен Балкан колку што на Западен Балкан ѝ е потребна Европа – вели Рама.

Поврзани содржини