НАД 21 МИЛИОН ЕВРА ЗА СПОРТОТ Владата инвестира во 60 проекти низ Македонија

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата вложува во нови спортски сали, стадиони, атлетски патеки и игралишта, со цел да создаде подобри услови за младите и развој на спортот.

123

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години реализирала и започнала 60 спортски инфраструктурни проекти во вкупна вредност од над 21 милион евра, соопшти денеска владејачката партија, оценувајќи дека спортот повторно е поставен меѓу националните приоритети.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека инвестициите во спортската инфраструктура не претставуваат само изградба и реконструкција на објекти, туку и вложување во младите генерации и поттикнување на здрави животни навики.






„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестира во спортската инфраструктура и го враќа спортот на местото што го заслужува, меѓу клучните национални приоритети. Со конкретни инвестиции се создаваат подобри услови за развој на младите, за спорт и за нови спортски успеси“, велат од партијата.

Според соопштението, меѓу капиталните проекти што се реализирани или се во тек се реконструкцијата на спортската сала „Расадник“, атлетските патеки во Велес и Гевгелија, спортската сала во Радовиш, како и реконструкцијата на спортската сала на УКИМ.

Во тек, како што наведуваат, се и изградбата на нови спортски сали во Општина Аеродром, Крушево и Воената академија во Скопје, како и изградбата на новите трибини на градскиот стадион во Тетово.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека паралелно се градат нови спортски сали, мултифункционални игралишта, стадиони и базени, со што ќе им се овозможат подобри услови за спорт на илјадници деца, млади и рекреативци.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на реализација на нови капитални проекти, затоа што силната спортска инфраструктура е темел за успешен спорт, поздрави генерации и посилна Македонија“, се наведува во соопштението.

Од партијата порачуваат дека инвестициите во спортот ќе продолжат и во наредниот период, оценувајќи дека тие носат долгорочни придобивки за државата и идните генерации.

Поврзани содржини