НОВ БРАН НАПАДИ ВРЗ ИРАН Продолжува ескалацијата на конфликтот

По третата последователна ноќ на американски напади врз Иран, тензиите дополнително се зголемуваат. Во меѓувреме, Трамп најавува блокада на иранските пристаништа, а Техеран возвраќа дека ќе продолжи да го контролира Ормускиот Теснец.

61

Американската армија рано утринава соопшти дека завршила нов, петчасовен бран напади врз Иран, во третата последователна ноќ на воени операции.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека во текот на петчасовната мисија биле погодени воени цели во Бушер, Чабахар, Џаск, Конерак, Абу Муса и Бандар Абас.






Според соопштението, новите американски напади започнале рано утринава по европско време, што претставува нова ескалација на тензиите меѓу двете земји, иако американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека договор со Техеран сè уште е можен.

CENTCOM претходно објави дека американската војска ја започнала третата последователна ноќ на напади врз Иран, откако Трамп најави дека САД „вечерва силно ќе го погодат“ Иран.

Во радио-интервју, Трамп изјави дека иранското раководство „не може да направи апсолутно ништо“ против американските напади.

– Тие немаат ништо на своја страна освен големи зборови – рече американскиот претседател.

Белата куќа потврди дека Трамп минатата недела официјално го известил Конгресот за обновувањето на воените операции против Иран.

Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати соопштија дека два нивни танкери во Ормускиот Теснец биле погодени во ирански ракетни напади, при што загинал еден член на екипажот.

Трамп претходно на социјалната мрежа „Truth Social“ најави дека САД ќе ја преземат контролата врз овој стратешки поморски премин и повторно ќе воспостават блокада на иранските пристаништа.

Американската војска најави дека блокадата ќе стапи во сила во вторник во 22 часот по средноевропско време.

Трамп исто така најави дека, како одговор на намерата на Техеран да воведе надомест за премин низ Ормускиот Теснец, САД ќе наплатуваат такса во висина од „20 проценти од вредноста на товарот“.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи преку платформата „Икс“ одговори дека Иран „секогаш бил чувар на теснецот и така ќе остане засекогаш“.

Во врска со изјавата на Трамп, Аракчи напиша дека оној што обезбедува безбеден и непречен премин на трговските бродови низ Ормускиот Теснец треба да биде платен.

– Дваесет проценти се премногу. Ние ќе бидеме правични – порача Аракчи.

Поврзани содржини