КОJ E KOJ ВО НОВОИЗБРАНИОТ КАБИНЕТ НА МИЦКОСКИ? Дипломи, титули, кариери, искуства на новите министри
Собранието го избра Борче Серафимовски за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како кадар на Движењето ЗНАМ, во рамки на реконструкцијата на Владата.
Серафимовски досега ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Серафимовски е дипломиран дефендолог на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и бизнис менаџер на Варненски Слободен Универзитет „Црноризец Храбар” Варна, Бугарија. Магистер е по меѓународни односи на Југозападен Универзитет „Неофит Рилски” Благоевград, Бугарија, а докторант по организациски науки на Великотрновски Универзитет „Св.Св.Кирил и Методиј” Велико Трново, Бугарија.
Во својата професионална кариера, покрај функцијата државен секретар, Серафимовски бил и генерален директор/заменик претседател на Управен одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет Свети Николе.
Во неговата биографија, Серафимовски наведува дека зборува англиски, руски и бугарски јазик.

Собранието го избра Сашо Клековски за нов министер за здравство, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на реконструкцијата на Владата.
Клековски досега ја извршуваше функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на УАЦС.
Во неговата биографија посочува дека ја вршел функцијата прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Наведува дека од 2013 до 2016 година бил предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии.
Во јавниот сектор учествувал во подготовката на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во биографијата наведува и дека од 2012 до 2024 година бил колумнист во дневниот весник „Нова Македонија“, а своите ставови ги објавувал и на блогот „Меѓутоа“.
Изборот на Клековски е дел од кадровските промени што се реализираат со реконструкцијата на Владата.

Ѓоко Велковски, досегашниот заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, е избран на раководната позиција во Министерството за социјална политика, демографија и млади, на 112. собраниската седница, посветена на реконструкцијата на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Велковски, кој е од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа на местото на досегашниот министер Фатмир Лимани, кој претходно беше разрешен од позицијата. Тој во периодот од јули 2024 до јули оваа година беше заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во периодот мај – јули 2024 бил раководител на Сектор за поддршка на градоначалник и јавни дејности во Општина Гази Баба, а во периодот јануари 2024 – мaj 2024 беше министер за труд и социјална политика во техничката влада.
Претходно, од феврари 2023 до јануари 2024 бил раководител на Сектор за поддршка на градоначалник и јавни дејности во Општина Гази Баба, од демеври 2021 до февруари 2023 бил секретар на Град Скопје, од јануари 2020 до февруари бил кабинетски службеник во областа на трудовото право и правата од Законот за работни односи во МТСП, од септември 2016 до декември 2016 бил посебен советник за прашања поврзани со хумана популациона политика во кабинет на дополнителен заменик министер за труд и социјална политика, во декември 2021 бил раководител на Одделение за внатрешна ревизија во МТСП, од јули 2013 до декември 2014 бил соработник за комплетирање на документи во областа на јавните набавки во Секторот финансиски прашања в МТСП, од декември 2010 до јули 2013 бил внатрешен ревизор – соработник во Град Скопје, од октомври 2009 до декември 2010 бил локален економски консултант во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Државна болница Скопје.
Велковски е дипломиран економист на катедрата за Надворешна трговија, на Економскиот факулет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј – Скопје“.

Иван Стоилковиќ, досегашниот заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, е избран за нов министер за локална самоуправа на 112. собраниска седница, посветена на реконструкцијата на Владата.
Стоилковиќ доаѓа на местото на досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински. Во периодот од 2024 до 2026 година ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.
Претходно, од 2002 до 2024 година беше пратеник во Собранието, каде што беше член на Уставната комисија, заменик-претседател на Законодавно-правната комисија, заменик-претседател на Комисијата за транспорт и врски, член на Комисијата за европски прашања, член на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија и член на Комисијата за одбрана и безбедност.
Во периодот од 1992 до 2002 година бил основач и директор на приватно градежно претпријатие.
Стоилковиќ е дипломиран правник, со завршено образование на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Дополнително се усовршувал во областа на безбедноста и стратешките комуникации, при што во 2006 година завршил забрзана школа за безбедност во Центарот „George Marshall“ во Германија, а во 2005 година стекнал диплома во рамки на програмата на USAID за развој на стратешки комуникации во Вашингтон, САД.

Собранието го избра Агон Ферати за нов министер за односи меѓу заедниците, како кадар предложен од коалицијата ВЛЕН, во рамки на реконструкцијата на Владата.
Ферати е магистер по бизнис администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа, а има завршено и специјализација за одржливи, отпорни и инклузивни јавни услуги на Универзитетот во Лунд, Шведска.
Како работно искуство во неговата биографија Ферати наведува дека од 2012 година до денес ја врши функцијата советник за управување со проекти финансирани од ЕУ во Одделот за локален економски развој во Општина Тетово и од 2023 до 2024 година работел како експерт за ЕУ Поглавје 8 – Политика на конкуренција во УНОПС – Австрија во канцеларијата во Скопје.
Во неговата биографија, Ферати наведува дека зборува англиски јазик.

Собранието го избра Јетон Шасивари за нов министер за правда, како кандидат на коалицијата ВЛЕН, во рамки на реконструкцијата на Владата.
Шасивари е доктор по уставно и управно право на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Според неговата официјална биографија, од 2002 година е редовен професор по уставно и управно право на истиот факултет.
Во својата биографија посочува дека од јануари 2024 година е заменик-член на Република Македонија во Европската комисија за демократија преку право (Венецијанска комисија) при Советот на Европа од јануари 2024 дина. Посочува дека во март 2020 година бил дел од групата уставни експерти од претседателот на Републиката за стручно мислење и консултација во врска со прогласувањето вонредна состојба поради пандемијата КОВИД-19.
Ја вршел функцијата надворешен советник на претседателот на Собранието во рамките на европскиот дијалог „Жан Моне“ за подготовка на новиот Деловник на Собранието. Бил и заменик-претседател и член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, од 2016 година е предавач по уставно право во Академијата за судии и јавни обвинители,
Во неговата биографија, Шасивари наведува дека зборува англиски јазик.

Седат Сулејмани е избран за нов министер за култура и туризам на 112. собраниска седница, посветена на реконструкцијата на Владата.
Сулејмани, кој доаѓа од редовите на коалицијата ВРЕДИ е избран на местото на досегашниот министер Зоран Љутков, кој претходно беше разрешен од функцијата.
Во периодот од 2024 до 2026 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за култура и туризам, а истата функција ја извршуваше и во периодот од 2020 до 2021 година.
Во текот на 2023 година бил советник за стручна и административна поддршка на Општинскиот инспекторат во Општина Тетово. Претходно, од 2017 до 2019 година работел како менаџер во ISEM во Бурса, Турција.
Од 2012 до 2017 година бил сопственик на „LOST Treasure“ во Тетово, а од 2010 до 2012 година сопственик на „ШАР Продукција“ во Тетово. Од 2006 до 2010 година бил директор на „АРДИ-ИНГ“ – Тетово, додека од 2003 до 2006 година работел како администратор во „SHARR-ING“ – Тетово.
Сулејмани има диплома за социолошки науки по педагошка теологија од Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција.

Ерџан Демир е избран за нов министер без ресор на 112. собраниска седница, посветена на реконструкцијата на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Демир, кој е од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа на местото на досегашниот министер без ресор Шабан Салиу, кој претходно беше разрешен од функцијата. Во периодот од 2025 до 2026 година ја извршуваше функцијата национален координатор за креирање и следење на национални стратегии и политики за немнозинските заедници во Владата.
Во периодот од 2021 до 2025 година бил член на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, а од 2007 до 2021 година работел како проектен менаџер во Здружението на граѓани за едукација и советување на млади „ФИЛЕО“ – Скопје.
Претходно, од 2014 до 2019 година бил координатор за производство во компанијата „Фантази Мебел“ – Скопје, од 2010 до 2012 година бил управител на компанијата за автопревоз „Шалом“ – Скопје, а од 2004 до 2006 година работел како координатор за производство во компанијата „Архикон“ – Скопје.
Демир е дипломиран економист, со завршено високо образование на Економскиот факултет при Европскиот универзитет – Скопје.