ЕВЕ КАКВО ЧУДО СЕ ГРАДИ НА СОЛУНСКАТА ОБИКОЛНИЦА „Флајоверот“ ќе биде најголемиот континуиран надвозник во Грција
Не се нервирајте, сега возите околу Солун, утре ќе „летате“ накај Халкидики. Тоа најрано ќе биде во 2027 година, а Грците за овој проект трошат огромни пари.
На источната обиколница на Солун во моментов се гради нова надземна експресна сообраќајница, позната како „Флајовер“, која треба да го преземе транзитниот сообраќај над постојниот кружен пат и значително да ги намали секојдневните колони. Станува збор за проект долг околу 13 километри, чиј највпечатлив дел е континуиран мост, односно надвозник долг 4 километри и широк околу 22 метри. Кога ќе биде завршен, тој ќе биде најдолгиот континуиран патен мост во Грција.
Работите веќе се завршени повеќе од 50 проценти, а официјалниот рок за пуштање во употреба е мај 2027 година.
4 километри мост – тоа го нема никаде во Грција
Новиот издигнат автопат ќе има по две сообраќајни ленти во секоја насока, како и ленти за итни случаи, без влезови и излези на неговиот главен надземен дел. Возилата што само минуваат покрај Солун ќе можат да се движат без да се мешаат со локалниот сообраќај на постојната обиколница. Целиот проект опфаќа 9 денивелирани крстосници, 8 нови мостови, 3 тунели и интервенции на страничната патна мрежа, а издигнатата траса е долга приближно 9,5 километри, од кои 4 километри се една непрекината мостовска конструкција.
Според проектните процени, капацитетот на источната обиколница треба речиси да се удвои – од околу 5.000 до 6.000 возила на час во една насока, на приближно 10.000 возила. Вкупниот проектиран капацитет во двете насоки се наведува како околу 20.000 возила на час. Очекувањето е времето на патување по овој коридор да се намали за 25 до 35 проценти, особено за возилата што се движат меѓу автопатот Егнатија, аеродромот „Македонија“, Халкидики и јужните приоди кон градот.
Колку ќе чини ова чудо?
Околу цената на „Флајоверот“ постојат неколку различни бројки, затоа што не се однесуваат на иста работа. Основниот градежен буџет во договорот изнесува околу 382 милиони евра без ДДВ, односно приближно 474 до 480 милиони евра со данокот и другите почетни трошоци. Проектот го реализира конзорциумот АВАКС–МЕТКА, поранешна „Митилинеос“, преку јавно-приватно партнерство. Во јуни 2026 година беа објавени и дополнителни плаќања и надоместоци од околу 64 милиони евра, поради што непосредната вредност на градежниот и финансискиот пакет се искачува над 520 милиони евра.
Бројката од околу 1,5 или 1,6 милијарди евра, која често се појавува во грчките медиуми и политички расправи, не е цената само за изградбата на мостот. Таа е добиена со собирање на сите предвидени „плаќања за достапност“ што државата треба да му ги исплаќа на приватниот партнер во периодот до 2052 година. Договорот трае 30 години: околу четири години за проектирање и изградба и уште 26 години за управување, поправки и одржување на обиколницата. Нема да има патарина, туку компаниите ќе ги добиваат договорените годишни исплати од грчкиот буџет. Номиналниот збир на тие долгорочни исплати е проценет на околу 1,55 милијарди евра, што е и главната финансиска контроверзија околу проектот.
Застои во шпицот на сезоната
Заменик-министерот за инфраструктура и транспорт Никос Тахиаос на крајот од мај изјави дека проектот, и покрај непредвидените технички проблеми, останува во предвидениот распоред.
– Изгледа дека може да заврши навреме, односно во мај 2027 година – рече Тахиаос.
Во текот на пролетта беа отстранувани постојни мостови и делови од тунелите кај Пилеа и Панорама, се поставуваа столбови и сегменти од главната конструкција, а повеќе делови од обиколницата привремено се затвораа во ноќните часови.
Но, додека идниот „Флајовер“ треба да го олесни сообраќајот, неговата изградба привремено создава уште поголеми колони. Намалувањето на бројот на достапни ленти, уривањето на постојните надвозници и честите пренасочувања предизвикуваат сериозни застои, особено во шпицот или при сообраќајна несреќа. Грчките власти воведоа посебен сообраќаен план и испратија уште стотина полицајци за регулирање на сообраќајот. Дел од урбанистите, пак, предупредуваат дека изградбата на дополнителни автопатски ленти може долгорочно да привлече уште повеќе автомобили, наместо трајно да го реши проблемот.
И еколозите си најдоа тема за муабет
Проектот предизвика и еколошки и судски спорови. Здруженија на жители и организации за заштита на шумата Шеих Су поднесоа жалби до грчкиот Државен совет, тврдејќи дека сечењето на вегетацијата, интервенциите во потоците и дупчењето на теренот можат да предизвикаат неповратни штети и да го зголемат ризикот од поплави и пожари.
Во април 2024 година судот привремено ги запре работите, но по околу две недели го отфрли барањето за продолжување на суспензијата и изградбата продолжи. Во изменетата еколошка студија површината предвидена за расчистување во шумското подрачје беше зголемена на околу 182.000 квадратни метри.
Солунското метро стаса до Каламарија
„Флајоверот“ е вториот голем транспортен проект што во краток период го менува Солун, по отворањето на основната линија на метрото на 30 ноември 2024 година. Првата линија е долга околу 9,6 километри, има 13 станици, автоматски возови без машиновозачи и заштитни стаклени врати на пероните. Властите проценија дека метрото може да отстрани околу 57.000 автомобили дневно од улиците и да превезува околу 250.000 патници. Во текот на јули 2026 година се очекува пуштање и на продолжението кон Каламарија со уште пет станици.
И метрото беше проект обременет со контроверзии, доцнења и огромно зголемување на трошоците. Изградбата почна во 2006 година, но ја забавија финансиската криза, договорните и судските спорови и откривањето на повеќе од 300.000 археолошки предмети и остатоци. Особено жестока беше расправата околу привременото отстранување и враќање на византиската улица на станицата „Венизелос“. Вкупната вредност на завршената основна линија и најголемиот дел од продолжението беше проценета на околу три милијарди евра. Сепак, археолошките наоди денес се интегрирани во станиците, претворајќи го метрото во своевиден подземен музеј. Со него под градот и со новиот автопат над обиколницата, Солун за само неколку години добива две инфраструктури што треба да го променат начинот на движење – но и две скапи лекции за роковите, јавните трошоци и односот меѓу развојот и животната средина.
View this post on Instagram