ТРИТЕ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО НА ПРОДАЖБА Квадратот на Водно стартува над 4.000 евра, најскапиот е 850.000 евра

Агенцијата за управување со одземен имот повторно ги понуди трите недвижности од предметот „Плацеви на Водно“, откако првата продажба не успеа. Најскапиот стан е проценет на 850 илјади евра.

147

Трите станови од предметот „Плацеви на Водно“, кои со судска одлука се одземени од имотот поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски, повторно се понудени на јавна продажба.

Агенцијата за управување со одземен имот објави нов оглас за продажба на недвижностите лоцирани на Водно, откако претходниот обид за нивна продажба не заврши успешно.






Според објавените податоци, два од становите имаат површина од околу 200 квадратни метри, со дополнителни тераси од речиси 50 квадратни метри. Почетната продажна цена за секој од нив е утврдена на околу 850 илјади евра, што значи дека почетната цена по квадратен метар надминува 4.000 евра.

Третиот стан е со површина од околу 150 квадратни метри, со голема тераса од приближно 95 квадратни метри, а почетната цена е поставена на 760 илјади евра.

Јавното наддавање е закажано за 29 јули, а заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат недвижностите на 16 јули, според условите наведени во огласот.

Становите се дел од имотот опфатен со предметот „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на девет години затвор за кривични дела поврзани со незаконско стекнување и перење пари.

Со правосилната пресуда, дел од имотот беше конфискуван и премина во сопственост на државата.

Груевски, кој од 2018 година се наоѓа во Унгарија, не ја издржува затворската казна во Македонија.

Поврзани содржини