АЛБАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ОДГОВОРИ ЗА СЛУЧАЈОТ ЌАФАСАН Забрана немало за тројцата пратеници, туку само за лицето од придружбата?
Директорот на полицијата во Албанија Скендер Хита вели дека не станувало збор за забрана за пратениците, туку за законска пречка за едно лице од нивната придружба. Изјавите на Хита доаѓаат откако партијата ВЛЕН побара објаснување дали за тројцата нејзини пратеници има забрана од албанска страна. Случајот доаѓа по написите во албански медиуми дека Тирана ставила 60 лица кои се поддржувачи на протестите против Еди Рама во Албанија на „црн список“.
Проблемот во задржувањето на пратениците од ВЛЕН на границата со Албанија бил во четвртото лице кое патувало со нив и за кое имало забрана, вели шефот на албанската државна полиција. Прес-конференцијата на Скендер Хита доаѓа по реакциите за тоа што тројцата македонски функционери од ВЛЕН беа задржани повеќе од еден час по што се вратиле.
Според првиот човек на албанската полиција, на граничниот премин пристигнале четири лица, од кои тројца поседувале дипломатски пасоши.
– Три лица со дипломатски пасоши беа информирани дека може да го продолжат своето патување. Другото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија – изјави Хита.
Тој додаде дека тројцата функционери потоа самите одлучиле да не го продолжат патувањето и заедно се вратиле во Македонија.
625 слични случаи лани
Хита нагласи дека случајот не претставува исклучок и дека граничната полиција секојдневно постапува во слични ситуации. – Во текот на 2025 година идентификувани се 625 слични случаи, а само во првата половина од оваа година регистрирани се 425 случаи – рече директорот на полицијата.
Според него, државната и граничната полиција остануваат гаранти на спроведувањето на законот и нема причина за сомнеж во нивното постапување на граничните премини.

Кој е на црниот список на Албанија?
Инцидентот се случува во момент кога во Албанија се одржуваат серија масовни протести против проекторот за изградба на хотелски комплекс на албански остров во Јадранското Море, инвестиција на компанија на Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кои прераснаа во барање за оставка на премиерот Еди Рама.
Повеќе медиуми во Албанија пишуваат дека властите во Тирана ставиле на „црниот списокс“ повеќе од 60 лица на кои им е забранет влез во земјата за да не се приклучат на антивладините протести во Тирана. На списокот, наводно биле и пратеници, активисти и советници од партијата ВЛЕН.
Случајот предизвика политички реакции
ВЛЕН денеска побара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници.
Случајот предизвика реакции и во Македонија, откако претседателот на Собранието Африм Гаши побара целосно и транспарентно разјаснување на околностите.
Претходно беше соопштено дека координаторот на пратеничката група на ВЛЕН Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата Хасим Муртезани биле задржани околу еден час на преминот без објаснување и покрај тоа што имале дипломатски пасоши.