ФИЛИПЧЕ ИМ НУДЕЛ ВИСОКИ ФУНКЦИИ НА РЕФОРМАТОРИТЕ ОД „ПЛАТФОРМА 12.05“ Тие порачуваат дека не одговараат на покани од оној што ги создал проблемите

По повикот од СДСМ за дебата во партиските простории, од Платформата позната како „12.05“ велат дека нема да одговараат на покани без датум, време и место и дека бадијала им се нудат високи партиски функции од луѓе кои, како што велат, ги создале проблемите. Одговорот на Платформата доаѓа откако Извршниот одбор на СДСМ реши да ги повика на дебата членовите на Платформата, но во рамки на партијата.

0

Пратениците од СДСМ кои се дел од „Платформата 12.05“ наречена „Разговори за иднината“ велат дека на покани без датум, време и место за средби со лидерот на СДСМ нема да одговараат, јавува Телма. Нивното соопштение е одговор на најавите на СДСМ дека Извршниот одбор донел одлука да ги повика на дебата, но само внатре во партијата СДСМ „а не преку медиуми“, oткако претходно, на седницата биле презентирани и ставови поостро да се постапи со овие пратеници.

Од Платформата одговориле:






„Ние подолг период дебатираме со бројни искрени членови на СДСМ и поддржувачи кои посакуваат силна опозиција. Но, немаме намера да преговараме со оние кои ги создадоа проблемите. Затоа, му порачуваме на Венко Филипче дека бадијала испраќа луѓе кои ни нудат високи партиски функции. Во СДСМ треба да се случат структурни реформи кои ќе ја вратат партијата на членството. Ова раководство живее во виртуелен свет. Ако Филипче ја говореше вистината, ќе признаеше дека месеци претходно е лично од нас информиран за нашиот план за санација на СДСМ, а тој реши да се обиде да нè дискредитира на најпримитивен начин“.

Организаторите на платформата „Разговори за иднината 12.05“ најавија дека разговорите за иднината продолжуваат со адресирање на вистинските проблеми, без оптоварување со внатрепартиските проблеми на Филипче.

Таканаречената платформа беше промовирана на 1 јули од истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.

Меѓу нив е и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, како и Андреј Петров, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Сашко Митовски и многу други поранешни функционери.

Филипче, пак, во средата во „Тема на денот“ на телевизија Сител нагласи дека т.н. „Платформа“ претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „тоталниот дебакл на власта“, посочувајќи дека наместо да се зборува за неуспесите на Владата, повторно во фокусот се става СДСМ.

Претходно, Игор Ивановски, поранешен висок функционер на СДСМ,  рече дека го знае Филипче од неговите седумнаесет години и нема ништо лично против него, но нагласи дека тој не успеал да се снајде во партиската лидерска улога.

Превирањата околку Платформата 12.05 почнаа од самиот почеток на нејзино состанување, кога Филипче оцени дека платформата е проект на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека органите на СДСМ ќе одлучуваат за учеството на пратеничката Славјанка Петровска.

Поврзани содржини