ЕКСПЛОЗИЈА ПРЕД РЕСТОРАН, ПОВРЕДЕНИ ДВЕ ЛИЦА Рачна бомба експлодираше пред угостителски објект во тетовско
Од експлозијата на рачна бомба фрлена од автомобил во движење е причинета материјална штета, а две лица се повредени. При увидот полицијата пронашла и чаури од пиштол.
Две лица се повредени откако непознат сторител фрлил рачна бомба кон угостителски објект во тетовското село Добарце. При увидот на местото на настанот, полицијата пронашла и чаури од пиштол, а во тек е потрага по сторителот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 8 јули 2026 година околу 1:20 часот во Полициското одделение Групчин.
Сопственикот на угостителскиот објект, Д.Ф. (51) од селото Добарце, пријавил дека од патничко возило „Цитроен“, кое било во движење, била фрлена рачна бомба кон ресторанот, лоциран покрај локалниот пат во селото.
Од силната експлозија била предизвикана материјална штета на објектот, а повредени биле Е.А. (57) од селото Чифлик и Г.Ф. (60) од Добарце, кои во моментот на нападот се наоѓале во дворот на ресторанот.
Повредените веднаш биле пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде што им била укажана лекарска помош.
Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Тетово, при што, покрај трагите од експлозијата, биле пронајдени и чаури од пиштол.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а полицијата презема интензивни мерки и активности за идентификување и пронаоѓање на сторителот, како и за целосно расчистување на случајот.