ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ Од ЕБОР грант од 30,8 милиони евра

Според проектот, трасата во вкупна должина од 12,5 километри, ќе содржи пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 други инфраструктурни објекти. За изградба на овој автопат преку ЕБОР се обезбедени 30,8 милиони евра грант и заем од 167,6 милиони евра.

163

Договор меѓу ЈПДП и ЕБОР за грант средства за изградба на автопат Скопје-Блаце беше потпишан денеска во Владата. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова е проект кој со децении бил најавуван, а за него е големо задоволство што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат шест автопатски делници

– Покрај оваа, која треба да го оврзе главниот град со Блаце, тука се и делницата која треба да ги поврзе Тетово и Гостивар, Гостивар со Букојчани, го завршуваме делот од автопатото Кичево-Охрид, Прилеп-Битола и наскоро очекувам да биде завршена процедурата која треба да го поврзе Букојчани со Кичево. Заедно со оваа автопатска делница, очекувам овие шест автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија – појасни Мицкоски.






Токму економскиот развој, посочи премиерот, претставува еден од врвните приоритети на Владата.

– Градежништвото како еден од главните носители на економскиот развој во годините кои следат, очекувам да продолжи со несмалена динамика. Со април имаме исклучително висок степен на реализција на проекти, за речиси една третина подобро од минатата година истиот месец. Очекувам во таа насока да се децижат работите и во периодот кој следи – посочи Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски истакна дека со вакви капитални проекти се развива државата.

– „Гранит“ предводи еден конзорциум кој ќе го гради овој автопат, домашните компании покажуваат дека може да работат и да изведуваат големи градежни проекти, нагласи Николоски.

Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри. Рокот за изградбата е четири години, но надлежните се надеваат дека проектот ќе го завршат поскоро.

Според проектот, трасата во вкупна должина од 12,5 километри, ќе содржи пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 други инфраструктурни објекти. За изградба на овој автопат преку ЕБОР се обезбедени 30,8 милиони евра грант и заем од 167,6 милиони евра.

Овој патен правец е дел од важниот регионален коридор што ја поврзува Македонија со Косово и понатаму со Црна Гора. Според Николоски, неговото завршување ќе овозможи побрз транспорт на патници и стока, како и подобар пристап на македонските компании до пристаништето Бар во Црна Гора, што ќе придонесе за развојот на трговијата и економијата.

Како што појасни директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, веќе се избрани консултант и изведувач, а надзорот е во процес на евалуација.

– Денеска потпишуваме грант меѓу ЈПДП и ЕБОР, за грант кој е дел од рамката за инвестиции на ЕУ-Западен Балкан во висина од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра за изградба на автопатот Скопје – Блаце – рече Трајановски.

Поврзани содржини