СО ВОЗИЛО ЈА ПРОБИЛ ПОРТАТА И ЈА НАПАДНАЛ СОПРУГАТА Седуммина приведени по серија случаи на семејно насилство

Полицијата регистрирала 11 случаи на семејно насилство за едно деноноќие. Седум лица се приведени, а меѓу најсериозните случаи се обид за палење куќа, напад со дрвен предмет и пијан маж кој со автомобил ја пробил вратата од дом.

207

Полицијата во текот на изминатото деноноќие интервенирала во 11 случаи на семејно насилство низ државата, а седум лица се лишени од слобода поради физички напади, закани и агресивно однесување кон членови на семејството.

Еден од најсериозните случаи е регистриран во Тетово, каде 51-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг најпрво ѝ се заканувал нејзе и на нивната ќерка, а потоа се обидел да ја запали семејната куќа.






Во друг тежок случај во Гостивар, полицијата го лишила од слобода Х.Ќ., откако неговата 42-годишна сопруга пријавила дека околу четири часот наутро со автомобил ја пробил влезната врата од куќата на нејзините родители, со тврд предмет скршил прозорец, а потоа и физички ја нападнал. При полициската контрола било утврдено дека имал 1,70 промили алкохол во крвта.

Во Охрид бил приведен 34-годишниот Н.Д., кој, според пријавата, физички ја нападнал својата партнерка во семејниот дом.

Во Кичево, полицијата го привела 31-годишниот Т.С., кој агресивно се однесувал кон членовите на своето семејство и оштетил дел од покуќнината.

Во Гостивар, по пријава од 46-годишна жена, бил уапсен и 51-годишниот И.М., кој физички ја нападнал сопругата во нивниот дом.

Во Битола, полициски службеници го лишиле од слобода Е.А. (48), осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна сопруга, додека на Градскиот пазар во истиот град бил приведен и О.В. (47) од струмичкото село Баница, кој со дрвен предмет ја нападнал својата сопруга.

Во Прилеп бил приведен и 43-годишниот А.А., кој, според полицијата, упатувал закани кон својот татко.

Покрај случаите во кои биле извршени апсења, во Скопје од Градската општа болница „8 Септември“ било пријавено дека 69-годишна жена побарала лекарска помош, тврдејќи дека била физички и психички малтретирана од својата ќерка.

Во Скопје, 51-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот вонбрачен партнер.

Во Куманово, пак, 44-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен партнер ѝ упатувал закани.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини