НЕ ВКЛУЧУВАЈТЕ КЛИМИ, ГО ЗАГРЕВАТЕ СВЕТОТ?! Европската левица отвори нов идеолошки фронт против здравиот разум 

Дел од европската левица и зелените движења сè погласно предупредуваат против масовната употреба на климатизација, додека континентот се соочува со рекордни жештини. Критичарите предупредуваат дека ваквите пораки ги оттурнуваат обичните луѓе и им отвораат простор на популистите.

137

Додека Европа се соочува со рекордни температури и топлотни бранови во кои термометрите надминуваат 40 Целзиусови степени, климатизацијата стана нова политичка и идеолошка линија на поделба.

Наместо расправа само за тоа како да се заштитат граѓаните од жештините, во Франција, Велика Британија и во други европски земји се води жестока дебата дали клима-уредите воопшто треба масовно да се користат. Левицата и зелените предупредуваат дека тие ја продлабочуваат климатската криза, додека десницата ги обвинува за идеолошки фанатизам и за напад врз секојдневниот живот на луѓето.

Масло на огнот долеа британската новинарка Ема Бедингтон, која во „Гардијан“ оцени дека климатизацијата е не само еколошки, туку и „филозофски проблематична“. Според неа, клима-уредите создаваат лажна удобност и чувство дека човекот може да се изолира од последиците на глобалното затоплување, наместо да се соочи со неговите причини.

Слични ставови подолго време застапуваат и дел од француските левичари и екологисти. Лидерот на радикалната левица, Жан-Лик Меланшон, смета дека масовното поставување клима-уреди не е решение, туку нов проблем. Наместо тоа, предлага подобра изолација на зградите, повеќе паркови, дрвореди и архитектура која природно ја намалува температурата во градовите. Во истата насока настапи и француската министерка за еколошка транзиција Ањес Пание-Ринаше.

Таа порача дека климатизацијата е неопходна за болниците, домовите за стари лица и за другите ранливи категории, но предупреди дека „не смее да се поставува насекаде“, бидејќи климатизерите ја зголемуваат температурата на надворешниот воздух и не претставуваат долгорочно решение за климатските промени. Наместо тоа, според неа, приоритет треба да бидат енергетската ефикасност, изолацијата и адаптацијата на градовите кон новите климатски услови.

Фото: Принтскрин

Во средиштето на француската полемика се најде и министерката за еколошка транзиција Моник Барбу, која изјави дека е „згрозена“ од повиците за масовно поставување клима-уреди „насекаде“. Таа предупреди дека климатизацијата не може да биде одговор на сите последици од жештините и праша што, всушност, ќе спречат клима-уредите – шумски пожар, суша или уништување на земјоделски култури. Барбу тврди и дека масовната климатизација во Париз би можела дополнително да ја зголеми температурата на ниво на улица за 2 до 3 степени, што ја прави, според неа, ризично и кратковидо решение во борбата со топлотните бранови.

Десницата, пак, ја искористи оваа дебата за силен политички напад. Лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, побара национален план за климатизација на училиштата, болниците, домовите за стари лица и јавните институции, обвинувајќи ја власта дека ја жртвува безбедноста на граѓаните во име на идеологијата. Така клима-уредите станаа дел од пошироката политичка пресметка околу климатските политики.

Десничарските партии тврдат дека европската зелена агенда сè почесто се претвора во ограничување на секојдневниот живот, додека левицата возвраќа дека токму неконтролираната потрошувачка и зависноста од климатизација дополнително ја влошуваат кризата.

И како иронија на целата расправа, токму седиштето на Европската комисија во Брисел стана пример за новиот „климатски класен јаз“. За време на топлотниот бран, во зградата Берлејмон била исклучена климатизацијата на првите седум ката, каде работат илјадници службеници, додека на повисоките катови, каде се канцелариите на претседателката Урсула фон дер Лајен и еврокомесарите, ладењето продолжило да функционира.

Дел од вработените тоа го опишале како „феудализам“, оценувајќи дека европските институции и на прашањето за климата покажале дека правилата не важат еднакво за сите.

Иако Европа традиционално има многу помалку клима-уреди отколку САД, рекордните горештини веќе ја менуваат таа слика. Во последните години продажбата на климатизери расте во Франција, Германија и Велика Британија, бидејќи летата стануваат сè потопли, а топлотните бранови сè подолги и поопасни.

Повеќето климатолози денес предупредуваат дека расправата не треба да се сведува на дилемата „за“ или „против“ клима-уредите. Тие сметаат дека климатизацијата ќе биде неопходна за заштита на најранливите категории население, но дека истовремено мора да се инвестира во поефикасни технологии, подобра изолација, повеќе зеленило и урбанистички решенија што природно ја намалуваат температурата.

Поврзани содржини