ЌЕ ГИ ОБРАБОТИМЕ СИТЕ АМАНДМАНИ, БЕЗ ОГЛЕД НА НИВНИОТ БРОЈ Пратеникот Јаревски за усвојувањето на измените во Изборниот законик
Можеби треба да се даде простор за уште една дополнителна формална или неформална средба каде што, доколку станува збор за финеси коишто се разликуваат, би можеле да бидат надминати – рече пратеникот Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.
Измените на Изборниот законик се резултат на повеќемесечен процес кој започнал уште во март и се темели на три клучни столба – имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, воведувањето електронско гласање за дијаспората и третиот – финансирање на политичките партии, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски во емисијата „Анализа” на ТВ 24.
Јаревски воедно појасни дека техничката влада нема да биде укината за следниот изборен циклус, туку измената ќе важи од наредните парламентарни избори, со цел да се избегнат различни толкувања во јавноста.
Осврнувајќи се на работата на Собранието, Јаревски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги разгледа и обработи сите поднесени амандмани, без оглед на нивниот број. Упатувајќи критики кон СДСМ, пратеникот Јаревски изјави дека, според него, партијата никогаш не била подготвена да работи на голем број амандмани, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, е подготвена да ги разгледа сите предложени измени и истовремено остава простор за дополнителен политички дијалог.
– СДСМ ниту на власт ниту во опозиција била спремна да одработи 10.000 амандмани, но за разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ и нашите коалициони партнери секогаш биле. На крајот на краиштата тоа ни е работа. Ќе си седнеме и 15.000 да бидат, ќе ги обработиме. Собранието е во постојано заседавање, ќе разговараме за секој еден поединечно, но сепак мислам дека што и да биле причините за од она што веќе стигнале како точка на заемно разбирање или на консензус дека можеби треба да се даде простор за уште една дополнителна формална или неформална средба каде што доколку станува збор за финеси веќе за коишто се разликуваат, дека би можеле да бидат надминати, но ако треба да се сработи ќе ги сработиме – рече Јаревски.
Тој напомена дека овие одредби што се во Законикот се производ на разговорите коишто беа интензивни неколку месеци наназад.
– Не би сакал да бидам клише да кажам дека заради некој евтин политички ПР или некој сака да украде по некој политички поен и тоа е дел од политичкиот фолклор. Јас ќе останам фокусиран на она што ни е главна цел како држава, да прикажеме државност, да прикажеме одговорност и да најдеме заеднички јазик за еден закон и да се претставиме во право светло пред нашите западни партнери – рече пратеникот.