НЕМААТ МИР МАЈКИ, СОПРУГИ, ПАРТНЕРКИ… Полицијата интервенирала во повеќе случаи на семејно насилство
Закани кон сопруга и мајка, физички напади врз членови на семејството и приведувања – полицијата работи на расчистување на повеќе случаи на семејно насилство.
Во текот на вчерашниот ден, полицијата евидентирала повеќе случаи на семејно насилство и закани во Скопје, Гостивар и Крива Паланка, при што во дел од нив осомничените се приведени, а за еден случај веќе е поднесена кривична пријава.
Во Гостивар, 47-годишна жена од гостиварско село пријавила дека на 20 јуни, околу 13 часот, додека била на работното место во угостителски објект, нејзиниот сопруг С.М. дошол и барал пари, при што ѝ упатувал закани. Таа дополнително пријавила дека вчера повторно добила порака со заканувачка содржина од него. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во Скопје, полициски службеници го привеле 40-годишниот Р.В., откако претходно било пријавено дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 64-годишна мајка. По целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Уште едно приведување имало и во Крива Паланка. Полицијата го лишила од слобода 46-годишниот Д.М. од кривопаланечко село, осомничен дека физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга. Тој бил задржан во полициска станица, а по расчистувањето на случајот ќе следува соодветна пријава.
Во меѓувреме, во Скопје е пријавен и случај на физички напад меѓу сосетки. Дваесет и деветгодишна скопјанка пријавила дека на подрачјето на Чаир била физички нападната од својата сосетка И.Ф. По целосното документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Дополнително, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднела кривична пријава против 50-годишниот М.Т. поради сомнение за кривичното дело „загрозување на сигурноста“. Според пријавата, на 13 јуни, во дворот на семејната куќа во гостиварско село, тој упатил сериозни закани по животот на својата 69-годишна мајка.