📽️ СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ МУНДИЈАЛОТ Алжир и Австрија договориле реми, изјавата на Марез ги засили сомнежите

Изјавата на Ријад Марез отвори сериозни сомнежи дека Алжир и Австрија одиграле договорено реми на Светското првенство, а по израмнувачкиот гол на Австрија избувна и жесток конфликт со Марко Арнаутовиќ.

287

Еден од најголемите скандали на Светското првенство се заканува да ја засени групната фаза, откако ремито 3-3 меѓу Алжир и Австрија предизвика сериозни сомнежи дека двата тима практично се договориле за резултат кој им одговараше и на двете селекции.

Во центарот на вниманието се најде најдобриот алжирски фудбалер Ријад Марез, чија изјава по натпреварот дополнително ја разгоре полемиката.






Алжир во 93. минута поведе со 3-2 токму преку Марез, резултат кој ќе ја елиминираше Австрија, но само три минути подоцна Австријците израмнија, додека алжирската одбрана реагираше крајно пасивно.

Дополнителен сомнеж предизвикаа снимките на кои може да се види дека дел од соиграчите на Марез негодуваат веднаш по неговиот погодок, како да не биле задоволни што Алжир дошол до водство.

Наместо да ги намали сомнежите, Марез со својата изјава практично призна дека голот не бил во интерес ниту на неговиот тим.

– Морав да го почитувам фудбалот. Топката дојде до мене и морав да шутирам. Знам дека беше непријатно, но тоа е фудбалот. Добро е што на крајот и тие постигнаа гол и двата тима продолжија понатаму – изјави Марез.

 

Токму овие зборови предизвикаа лавина реакции на социјалните мрежи, каде многумина сметаат дека Алжир и Австрија практично играле за резултат што ќе им обезбеди пласман во осминафиналето.

Најголемата жртва од ваквиот епилог беше Иран, кој остана без место во нокаут-фазата.

Арнаутовиќ жестоко реагирал кон Петковиќ

Контроверзниот финиш продолжил и по последниот судиски свиреж.

По израмнувачкиот гол на Австрија избувнала вербална расправија меѓу Марко Арнаутовиќ и дел од алжирските фудбалери, по што морале да интервенираат селекторите на двата тима.

 

Според информациите што ги објавуваат медиумите, Арнаутовиќ директно му се обратил на селекторот на Алжир, Владимир Петковиќ.

„Владимир, зошто дадовте гол за 3-2?“, наводно му рекол Арнаутовиќ, алудирајќи дека двата тима претходно практично го контролирале резултатот.

 

Петковиќ се обидувал да ги смири своите играчи, додека австрискиот селектор Ралф Рангник го оттурнал Арнаутовиќ за да спречи поголем инцидент.

И покрај огромните сомнежи и бројните реакции, засега нема официјална истрага од организаторите на Светското првенство.

Поврзани содржини