🎥 „КЕ ВИВА МЕКСИКО!“ Најпознатата мексиканска актерка, Салма Хајек, го отвори Мундијалот

Салма Хајек беше една од главните амбасадорки на Светското првенство во фудбал 2026 и истакнато лице на церемонијата на отворањето во Мексико.

500

Додека сите очи беа насочени кон Шакира, Бурна Бој и други музички ѕвезди кои настапија на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, посебно внимание привлече и Салма Хајек.

Познатата мексиканска актерка не беше само една од гостинките на церемонијата. Имено, Хајек учествуваше на отворањето на првенството како официјален амбасадор на Светското првенство во фудбал 2026, улога што чадор-организацијата на фудбалот ѝ ја довери на крајот од минатата година.






Нејзиното појавување на стадионот „Ацтека“ беше симболично бидејќи Мексико го отвора првото Светско првенство во историјата кое е заеднички организирано од три земји – Мексико, САД и Канада.
Според објаснувањето дадено за нејзиното назначување, ФИФА сакаше некој што ќе го претставува не само фудбалот, туку и културата на земјата домаќин. Хајек е една од најпознатите мексикански жени во светот, а во текот на нејзината кариера стана глобална филмска ѕвезда благодарение на улогите во филмови како „Fridа“, „Desperadо“, „Dogmа“ и блокбастерот на Марвел „Eternals“.

Таа е позната и по својата хуманитарна работа и општествен активизам, поради што многумина ја сметаа за идеален избор да биде амбасадор на турнирот, кој има за цел да ги поврзе спортот, културата и заедништвото.

Нејзините задачи вклучуваат промоција на првенството, учество на официјални настани, комуникација со навивачите и претставување на вредностите на турнирот низ целиот свет. Покрај неа за амбасадор беше именуван и оскаровецот, Метју Меконахи.

Хајек привлече големо внимание за време на извлекувањето на групите за Светското првенство, кога во видео порака на шега им порача на Американците да престанат да го користат терминот „soccer“.

– Престанете да го нарекувате „soccer“ и викајте го „fútbol“ – рече актерката, предизвикувајќи бројни реакции на социјалните мрежи.

За време на истиот настан, таа му се обрати и на поранешниот англиски фудбалер Рио Фердинанд, велејќи му да се опушти и да му верува на процесот, што беше еден од најкоментираните моменти на вечерта.

На церемонијата на отворањето во Мексико Сити, Салма имаше една од главните протоколарни улоги и беше меѓу најистакнатите личности на церемонијата што му претходеше на натпреварот помеѓу Мексико и Јужна Африка. Организаторите сакаа да го нагласат мексиканскиот идентитет на турнирот, а Хајек беше совршен избор за оваа улога.

Иако таа не пееше ниту се качи на сцената како изведувач, беше едно од заштитните лица на целиот настан. Нејзиното присуство покажа колку ФИФА сака турнирот да биде повеќе од само спортско натпреварување – глобална прослава на културата, идентитетот и заедништвото. А кога станува збор за претставување на Мексико во светот, малку амбасадори се попознати од Салма Хајек.

Поврзани содржини