НОРВЕШКАТА ПРИНЦЕЗА Е ВО ТЕШКА СОСТОЈБА Ќерката и синот на престолонаследничката Мете-Марит се вратија за да бидат со мајка им

Поради влошената здравствена состојба на норвешката престолонаследничка, принцезата Мете-Марит, нејзиното семејство повторно се собира, а децата се враќаат во татковината за да ѝ дадат поддршка

0

Норвешкото кралско семејство поминува низ еден од најтешките периоди во последните години. Престолонаследничката Мете-Марит долго време се бори со хронична белодробна фиброза, а во последните недели нејзината здравствена состојба дополнително се искомплицира. Според странските медиуми, вклучувајќи го и германскиот „Билд“, 52-годишната принцеза наводно се подготвува за можна трансплантација на бели дробови.

Ситуацијата ги натера членовите на семејството да ги прилагодат своите планови и да поминат што е можно повеќе време со неа. Ќерката Ингрид Александра одлучи привремено да ги прекине студиите во Австралија и да се врати во Норвешка, додека синот Свере Магнус веќе претходно се врати дома.






Принцезата Ингрид Александра (22) минатото лето се запишала на студии по меѓународни односи и политичка економија на Универзитетот во Сиднеј, но сега ќе ги стави студиите во втор план. За нејзината одлука зборуваше престолонаследникот Хакон за време на официјалната посета на Јапонија.

– Таа сака наскоро да се врати дома, што има врска со нашата семејна ситуација. Таа сака да биде со нејзината мајка – рече Хакон. Сепак, принцезата не планира да се откаже од образованието. Според нејзиниот татко, таа има намера да ги заврши додипломските студии, но сè уште не е познато кога ќе се врати на академските обврски.

– Колку долго ќе остане дома, ќе видиме – рече принцот. И самиот Хакон ја скрати својата официјална посета на Јапонија за еден ден за да се врати кај сопругата што е можно поскоро.

– Се чувствувам далеку од дома. Важно е да се вратам дома и да бидам со Мете. Таа не е добро во моментов – рече тој.

Мете-Марит со години страда од белодробна фиброза, неизлечива болест која предизвикува лузни на белодробното ткиво и постепено го отежнува дишењето. Норвешкиот кралски двор во последните месеци неколку пати предупреди дека болеста сè повеќе влијае на нејзиниот секојдневен живот.

Сериозноста на состојбата беше демонстрирана и за време на прославата на Денот на уставот на Норвешка на 17 мај во Осло. Мете-Марит во тоа време се појави на апарат за кислород и мораше да направи неколку паузи за време на церемонијата.
Во меѓувреме, нејзиниот син Свере Магнус (20) исто така се врати во Норвешка. Во последните месеци тој беше во Италија, каде што стекнуваше искуство во филмската и фотографската индустрија, но сега поголемиот дел од времето го поминува со своето семејство. Враќањето на двете деца покажува колку сериозно кралското семејство ја сфаќа здравствената состојба на норвешката престолонаследничка.

Поврзани содржини