РАМА ЖЕСТОКО ГО БРАНИ ЛУКСУЗНИОТ РЕСОРТ НА ЗЕТОТ НА ТРАМП КАЈ ВАЛОНА Подрачјето не е заштитено, земјиштето не е државно
Демонстрантите побараа оставка од Рама, обвинувајќи дека неговата влада го овозможила проектот со измена на Законот за заштитени подрачја, усвоена во 2024 година. Со таа измена, заштитените зони во Албанија биле отворени за развој на туристички комплекси со пет ѕвезди, но познавачите тврдат дека законската измена била направена специјално за проектот поврзан со Кушнер.
Албанскиот премиер Еди Рама реагираше за ситуацијата во Звернец, кај Валона, каде што жителите на областа и претставниците на граѓанското општество протестираат против проектот за изградба на луксузен ресорт, кој се поврзува со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека самиот би се придружил на протестот доколку верувал во тврдењата што се ширеле за проектот.

На средба со парламентарната група на неговата Социјалистичка партија Рама ги негираше обвинувањата дека земјиштето се дава на странци или дека е нарушено заштитеното подрачје, опишувајќи ги овие наративи како невистинити и дезинформации.
– Ќе направев полошо од вас, ако ми кажеа дека таа земја ѝ припаѓа на државата и дека државата им ја дава на странци. Дури слушнав дека државата му ја дава таа земја на Израел за да ги донесе Палестинците во Звернец. Да ми кажеа дека таму влегле некои Руси, кои во соработка со албанските олигарси го срамнуваат заштитеното подрачје и ќе градат палати. Да ми кажаа дека тоа е заштитено подрачје и дека владата го отстранила од заштита за да им го даде на странци, кои ќе дојдат да го уништат биодиверзитетот на подрачјето. И уште многу други работи што ги кажаа, а во кои нема ни тронка вистина, велам и јас ќе постапев како вас, можеби и полошо, рече Рама – додавајќи дека земјиштето странскиот инвеститор го купил, не од државата, туку од приватни лица.

Рама изрази солидарност со јавното негодување и гнев поради сцената каде што, при обид на жителите да влезат во ограденото градилиште, тврдејќи дека нивните имоти биле неправедно одземени преку експропријација, еден од нив беше влечен од приватно обезбедување. Според него рамнодушноста на полицијата која требаше да го заштити, е неоправдана, поради што денеска веќе е сменет Началникот на Полицискот комесаријат во Валона.
Освен протестот во Звернец, протест синоќа се одржа во Тирана, прво пред зградата на МВР а протоа пред владата, на која учесниците носеа транспаренти „Албанија не е на продажба“, „Поништете го договорот“. Демонстрантите побараа и оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи дека неговата влада го овозможила проектот со измена на Законот за заштитени подрачја, усвоена во парламентот во февруари 2024 година.

Фото: Принтскрин
Со таа измена, заштитените зони во Албанија биле отворени за развој на туристички комплекси со пет ѕвезди, но дел од познавачите на состојбите тврдат дека законската измена била направена специјално за проектот поврзан со Кушнер.
Проектот, за кој инвеститорот ветува дека ќе се одвива по строго законски процедури, се очекува да создаде повеќе од 10.000 работни места. Вредноста според медиуми се проценува на околу четири милијарди долари (3,43 милијарди евра), опфаќа приближно 250 хектари во рамките на мочуришниот и лагунскиот екосистем Нарта–Звернец.
Во јануари 2024 година, Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп, ја посетија Албанија за да го промовираат проектот за изградба на луксузен комплекс во земјата. Иванка Трамп под силно обезбедување го посети местото и пред неколку месеци.