ШТО ИМА ЗА ЈАДЕЊЕ? Кампања за поздрава исхрана на децата
Со цел да се поддржи гласот на децата, УНИЦЕФ и партнерите ја започнуваат кампањата #ШтоИмаЗаЈадење, со која се повикува на поздрава училишна исхрана и помала изложеност на реклами за нездрава храна, истакнувајќи едноставна порака: тешко е да се направи здрав избор кога доминираат нездрави опции.
Новата национална проценка на нутритивните средини во училиштата во Македонија открива дека нездравите опции на храна и пијалаци се широко достапни и се промовираат во и околу училиштата, додека здравите опции се ограничени, обликувајќи ги навиките во исхраната кај децата и отежнувајќи им го изборот на здрава храна.
Каков избор на храна прават децата зависи од средината што ги опкружува па затоа е време за построги правила околу тоа каква храна смее да се продава и да се рекламира во училиштата.
Кога децата избираат што да јадат, тоа го прават под секојдневното влијание на храната што им е достапна, што можат да си ја дозволат и што се рекламира во нивната средина.
Проценката, спроведена во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка од УНИЦЕФ, претставува прв сеопфатен преглед на училишните нутритивни средини во земјата. Во неа се опфатени 40 основни и средни училишта, а учествуваа околу 1.700 ученици.
Наодите укажуваат на слична состојба во сите училишни средини – кога и да побара детето храна на училиште, нездравата опција е секогаш тука, а здравата честопати ја нема.