„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИНСТАЛИРА СИСТЕМ ЗА РОБОТСКА ХИРУРГИЈА Повеќе хирурзи се обучени за роботски асистирана хирургија
Со оваа инвестиција, „Аџибадем Систина“ ќе стане првиот и единствен Центар за роботска хирургија во Македонија, Косово и Албанија, кој ќе овозможи изведување роботски асистирани хируршки интервенции.
Деновиве во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започна инсталацијата на најсовремениот роботски систем Toumai™, со што болницата интензивно се подготвува за воведување роботска хирургија. Со оваа инвестиција, „Аџибадем Систина“ ќе стане првиот и единствен Центар за роботска хирургија во Македонија, Косово и Албанија, кој ќе овозможи изведување роботски асистирани хируршки интервенции.
По завршувањето на инсталацијата на системот, кон средината на јуни во земјава ќе пристигне специјализиран тим од светскиот технолошки лидер Shanghai MicroPort MedBot, кој ќе учествува во финалната подготовка и имплементација на системот, како и во спроведување интензивни обуки и практични вежби за медицинскиот персонал на болницата.

Во изминатиот период, голем број хирурзи и медицински персонал од „Аџибадем Систина“ успешно ја завршија обуката за роботски асистирана хирургија во TOUMAI® Центарот за обука по роботска хирургија, развиен во соработка со MicroPort, во рамките на Универзитетот Аџибадем во Истанбул, Турција.
Со имплементацијата на роботскиот систем Toumai™, „Аџибадем Систина“ дополнително ја зацврстува својата позиција како лидер во воведувањето најсовремени медицински технологии во регионот, овозможувајќи им на пациентите пристап до медицински третмани според највисоките светски стандарди.
Оваа напредна технологија овозможува исклучителна прецизност, стабилност и безбедност при изведување и на најсложените хируршки интервенции. Роботската хирургија носи бројни придобивки за пациентите, меѓу кои помала болка, минимални резови, помал ризик од компликации, пократок болнички престој и значително побрзо закрепнување. Во „Аџибадем Систина“ роботската хирургија ќе се применува во повеќе медицински области: дигестивна хирургија, торакална хирургија, урологија, гинекологија и детска хирургија.
