ЕВРОПСКА БАЈКА ВО ОХРИД „Гладијаторите“ испишаа златни страници во македонскиот ракомет
Охриѓани ја совладаа унгарската Татабања и во реваншот, па со две победи во финалето стигнаа до историскиот прв европски трофеј во клупската историја.
Ракометарите на ГРК Охрид испишаа историја и станаа освојувачи на Европскиот куп за сезоната 2025/26. До најголемиот успех во клупската историја охриѓани стигнаа по две победи во финалните пресметки против унгарска Татабања.
По триумфот од 29:28 на гостински терен минатата недела, избраниците на Борис Ројевиќ синоќа во преполната сала „Билјанини Извори“ славеа и во реваншот со убедливи 31:25, откако на полувремето имаа минимална предност од 12:11.
По последниот судиски свиреж следуваше големо славје на теренот и на трибините, а охриѓани најголем дел од заслугите му ги припишуваат на тренерот Борис Ројевиќ, кој уште во својата прва сезона на клупата успеа да го однесе клубот до европскиот трон.
– Го добивме она што го заслуживме. Цела година чесно работевме, се трудевме и се боревме од натпревар во натпревар. Не дозволував да се врши притисок врз момците. Цела сезона го намалувавме притисокот. Но ова денес, овие навивачи, оваа атмосфера, тоа беше нешто посебно. Благодарам на публиката, на управата, на играчите, сите беа одлични. Ова е прекрасна година што долго ќе ја паметиме – изјави Ројевиќ.
Тој додаде дека секогаш се обидува своите високи амбиции да не ги пренесува како товар врз играчите.
– Никој, па ни јас, не очекував дека уште во првата година ќе го освоиме Европскиот куп, кој според мене е најквалитетен во последните седум години. Пресреќен сум – истакна стратегот на охриѓани.
Капитенот Гоце Ојлески нагласи дека титулата е сосема заслужена.
– Победивме на двата натпревари и тоа покажува дека заслужено сме шампиони. Во соблекувалната се договоривме да го оставиме срцето на теренот. Имавме неверојатна поддршка од публиката. Таа е еден од најголемите фактори за нашиот успех. Не ни дозволија да паднеме и нè вратија во игра кога беше најпотребно – рече Ојлески.
Еден од хероите на финалето беше голманот Кристијан Пилиповиќ, кој призна дека атмосферата во Охрид била нешто што ретко се доживува.
– Ваква енергија каква што имаше во Охрид во изминатите седум дена не сум почувствувал во целата моја интернационална кариера. Имавме мала трема, но тимот покажа карактер. Моите соиграчи заслужуваат огромна почит. Имавме проблеми во првото полувреме, но издржавме и затоа успехот е целосно заслужен – изјави Пилиповиќ.
Јапонскиот интернационалец Косуке Кацухира, кој одигра одличен натпревар, не ја криеше среќата по освоениот трофеј.
– Многу сум среќен што ја освоивме титулата. Охрид прекрасно ме прифати и одлично се вклопив во овој тим. Оваа победа им ја посветувам на навивачите кои беа фантастични во текот на целата сезона – рече Кацухира.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој и самиот бил дел од клубот како играч и капитен, истакна дека ова е резултат на долгогодишна работа и визија.
– Овој клуб го формиравме во 2011 година, а јас бев капитен до 2017 година. Кога станав градоначалник ја претставив нашата приказна пред бизнис-заедницата и добивме поддршка и од нив и од државата. Денес сме сведоци на историски успех. Со Ројевиќ уште на почетокот се договоривме да одиме чекор по чекор. Тој е еден од најзаслужните што уште во првата сезона донесе огромна радост за Охрид и за цела Македонија – изјави Пецаков.
Прославата по натпреварот продолжи низ улиците на Охрид, каде навивачите до доцна во ноќта го славеа историскиот успех. За денеска е најавена и официјална прослава на Градскиот плоштад.
Финалниот натпревар се одигра пред преполната сала „Билјанини Извори“, а целиот настан помина во одлична атмосфера и без ниту еден инцидент.