ФИЛИПЧЕ ОБВИНЕТ ДЕКА ИГРА ПО БУГАРСКИ НОТИ Oд ВМРО-ДПМНЕ го поврзаа со ставовите на Софија

Од владејачката партија велат дека лидерот на СДСМ се залага за уставни измени без гаранции за евроинтегративниот пат и дека не се оградил од ставови кои, според нив, му штетат на македонскиот идентитет.

271

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, има идентични ставови со бугарските власти кога станува збор за македонскиот евроинтегративен процес.

Од партијата велат дека Филипче, како и бугарската министерка за надворешни работи, смета оти преговорите треба да се водат со Европската Унија, а не со Бугарија.






„Венко Филипче и министерката за надворешни работи на Бугарија се на ист став, велат дека преговарале за Македонија со Европа, а не со Бугарија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Филипче и понатаму се залагал за уставни измени без, како што велат, конкретни гаранции за македонскиот евроинтегративен пат.

„Филипче цврсто стои на ставот дека треба да се спроведат уставни измени без никаква гаранција за Македонија на евроинтегративниот пат. Тоа би ѝ дозволило на Бугарија и понатаму да ја ветоизира Македонија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение се споменува и Виктор Стојанов од фондацијата „Македонија“, за кого ВМРО-ДПМНЕ тврди дека шири бугарска пропаганда и го негира македонскиот идентитет.

Од таму посочуваат дека во јавноста се појавила фотографија од Рубин Земон на тркалезна маса со Стојанов, при што потсетуваат дека Земон бил дел од Извршниот одбор на СДС.

„За ниедна од двете ситуации поврзани со Рубин Земон, Филипче не кажа ништо, ниту се огради од него“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се споменуваат и ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев, за кои партијата оценува дека се насочени против македонскиот идентитет и јазик.

„Граѓаните неколкупати испратија пораки на избори до СДС и Филипче. Наместо да се занимаваат со бугаризација на Македонија и со релативизирање на македонскиот идентитет, СДС и Филипче треба да се занимаваат со работите дома“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче, како опозициски лидер, не може да одлучува за иднината на државата, обвинувајќи го дека бил дел од структурите кои ја довеле земјата во сегашната позиција во евроинтегративниот процес.

Поврзани содржини