Референдум сега – демократски чин или опасна политичка стапица?

Во момент кога македонските граѓани имаат огромна недоверба кон Бугарија поради долгогодишните блокади, уцени, негирања и отворање идентитетски прашања, туркањето референдум не е мудар демократски потег, туку ризична политичка авантура со потенцијално историски последици.

227

Барањето за референдум околу европскиот пат на Македонија, кое прво го отвори Виктор Габер, а потоа политички го прифати и Венко Филипче, на прв поглед може да звучи демократски, легитимно и државнички. Но политиката не се оценува само според формата, туку и според времето, околностите и последиците.

А токму таму лежи суштинскиот проблем.






Во момент кога македонските граѓани имаат огромна недоверба кон Бугарија поради долгогодишните блокади, уцени, негирања и отворање идентитетски прашања, туркањето референдум не е мудар демократски потег, туку ризична политичка авантура со потенцијално историски последици.

Да бидеме искрени: народот во Македонија не е против Европа. Напротив. Со години околу 80 проценти од граѓаните ја поддржуваат европската интеграција. Значи, проблемот никогаш не бил Европската Унија како стратешка цел. Проблемот се бескрајните условувања, двојните стандарди и чувството дека Македонија постојано мора да докажува нешто што на другите никогаш не им било барано.

Токму затоа се поставува логичното прашање: ако народот е за ЕУ, ако речиси сите политички партии во своите програми ја имаат евроинтеграцијата како една од главните точки тогаш што е тоа што треба да се проверува на референдум?

Зошто повторно да се трошат пари и да се отвора опасна политичка криза, ако стратешката и доминантна определба на граѓаните е одамна позната? Со право многумина го поставуваат прашањето дали навистина се бара мислењето на народот, или се бара политичко алиби за однапред преземени обврски и нови отстапки кои треба некој да ги направи во иднина?

Самиот начин на кој се отвора ова прашање создава сомнеж дека не станува збор за демократска потреба, туку за обид одговорноста за идните отстапки да се префрли врз граѓаните.

Кој денес може со целосна сигурност да гарантира дека ова е последното барање? Досегашното искуство со официјална Софија, без разлика која политичка гарнитура е на власт, покажува дека секој направен компромис отвора нов простор за нови условувања и нови притисоци. Народот гледа дека спорот одамна не е само политички, туку постепено навлегува во историјата, образованието, културата и идентитетот. Денес Уставот, утре нов спор околу историјата, потоа учебниците, па барања за задолжително изучување на бугарскиот јазик, па Гоце Делчев, Кузман Јосифовски Питу, Вера Ацева, Мирче Ацев… и на крај повторно идентитетот.

Токму затоа стравот и претпазливоста кај македонските граѓани не се резултат на антиевропско расположение, туку на реално политичко искуство. Народот гледа дека спорот одамна не е само политички, туку постепено навлегува во историјата, образованието, културата и идентитетот.

Во вакви околности, Македонија нема право на наивност. Не ни се доволни две, туку четири очи отворени кога станува збор за прашања што директно ја засегаат државната и националната иднина.

Особено загрижува фактот што протоколите, иако формално се записници од меѓувладини средби, преку ноќ добија политичка тежина и последици што директно влијаат врз европскиот процес, историските прашања, образованието и идентитетските теми. Токму затоа постои оправдан страв дека дел од прашањата што денес се претставуваат како „затворени“, утре повторно можат да се вратат како нови условувања, нови притисоци и нови блокади на европскиот пат на Македонија.

И сега наместо јавна и стручна анализа, од страна на Филипче се форсира атмосфера во која секое барање за гаранции веднаш се прогласува за антиевропски став.

А вистината е сосема поинаква.

Македонија не бара привилегии. Македонија бара доследна примена на европското право и европските принципи. Како што правилно истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, не може европскиот процес да се претвори во билатерална арена за идентитетски условувања.

И тука доаѓаме до суштинското прашање што Европа упорно го избегнува: каде се европските вредности кога станува збор за Македонците во Бугарија? Зошто пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на Македонците не се почитуваат? Како е можно држава членка на Европската Унија отворено да го негира македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а притоа Брисел да молчи?

И уште поважно, зошто Филипче, Габер и останатите поддржувачи и промотори на идејата за референдум во Македонија упорно го премолчуваат овој суштински проблем, во кој јавно и очигледно се газат токму европските вредности на кои постојано се повикуваат?

Македонците во Бугарија треба да ги имаат истите основни човекови права и слободи како и сите други народи во една европска држава. Или европските вредности важат за сите, освен за Македонците?

Тоа не е Европа на вредности. Тоа е Европа на двојни стандарди.

Во вакви околности, референдумот лесно може да се претвори од изјаснување за Европа во протест против неправдата, понижувањата и двојните стандарди. Наместо деблокада, Македонија ризикува сама да си ја затвори европската перспектива со негативен исход што подоцна ќе биде претставен како конечна волја на народот.

А тогаш кој ќе ја преземе одговорноста? Габер? Филипче? Или повторно сите ќе се прават „Тошо“, додека последиците останат врз државата и идните генерации?

Дополнителен проблем е што Македонија денес нема внатрешен политички консензус, ниту стабилна атмосфера за вакво чувствително прашање. Наместо обединување, референдумот може дополнително да ги продлабочи политичките и етничките поделби.

Искуството покажува дека кај нас референдумите често не биле чист израз на народната волја, туку инструмент за политички манипулации и дневнополитички пресметки. Наместо демократски коректив, тие често се претворале во средство за легитимирање однапред донесени политички одлуки.

Токму затоа постои реален страв дека оваа иницијатива нема да биде демократски исчекор, туку опасен и недоволно промислен политички експеримент.

Особено не сега, кога и во самата Европска Унија сè погласно се отвора дебата за промена на начинот на одлучување и ограничување на можноста една држава членка бесконечно да го блокира проширувањето. Сè повеќе се зборува за квалификувано мнозинство наместо за апсолутен консензус. Македонија треба мудро да ја следи таа динамика, а не сама да си ја руши позицијата.

Дополнително, Европската Унија веќе признава напредок на Македонија во повеќе области како на пример образование, дигитализација, инфраструктура, реформи. Тоа покажува дека процесот не е затворен и дека постојат позитивни сигнали кои не смеат непромислено да се уништат со еден ризичен потег.

Вистинското прашање денес не е дали сме за Европа. Тоа прашање одамна е одговорено. Вистинското прашање е: што е попаметно за Македонија однапред да прифати уставни измени без јасни гаранции дека нема да следуваат нови уцени и блокади, или прво да обезбеди правна сигурност, принципиелност и европски гаранции, па дури потоа да отвора вакви крупни државни прашања?

Затоа барањето за референдум во овој момент не изгледа како демократска зрелост, туку како политички непромислен и потенцијално штетен потег со кој Македонија може самата да влезе во уште подлабока неизвесност.

И токму тука се отвора најважното прашање: дали Винтор Габер и Венко Филипче навистина се свесни за тежината и можните последици од иницијативата што ја туркаат, или свесно влегуваат во политички ризик за кој утре никој нема да сака да преземе одговорност?

Лесно е денес референдумот да се претставува како врв на демократијата и „демократско изјаснување“. Но државничката политика не е собирање дневнополитички поени и аплаузи на прес-конференции, туку способност навреме да се согледаат последиците од сопствените потези.

Ако навистина веруваат дека народот е за ЕУ, а тоа со години го покажуваат сите релевантни анкети, тогаш зошто воопшто го отвораат ова прашање токму сега? Ако мнозинството граѓани веќе ја поддржуваат европската интеграција, тогаш која е вистинската цел на референдумот?

Дали се бара алиби за однапред прифатени обврски и отстапки од страна на СДСМ? Дали целта е одговорноста за евентуалните нови отстапки да се префрли врз народот? Или однапред се создава политичко покритие ако процесот целосно пропадне?

Премногу прашања, а ниту еден јасен одговор.

Уште позагрижувачки е што ниту Габер, ниту Филипче досега понудија сериозна гаранција дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот услов. Напротив, молчат за можните последици од протоколите, молчат за потенцијалните нови барања и молчат за фактот дека секоја досегашна отстапка отвораше простор за нови условувања.

Државнички пристап не е да го туркаш народот кон референдум во атмосфера на недоверба, страв и национална фрустрација. Државнички пристап е прво да обезбедиш јасни гаранции, принципиелна поддршка и еднаков третман, а дури потоа да отвораш прашања што можат да имаат историски последици.

Затоа, на крајот ќе повторам дека оваа иницијатива сè повеќе изгледа како избрзан, непотребен и непромислен политички потег што може да ѝ нанесе сериозна штета на Македонија со далекусежни последици. Искрено, не можам да се согласам дека станува збор за визија што ќе придонесе за вистинско европско обединување и сигурно откочување на европскиот пат на државата.

.

Поврзани содржини