НОВО ИЗДАНИЕ НА ОФФЕСТ Јубилејниот скопски фестивал на светска музика со возбудлива програма и извонредни музичари
За јубилејното издание на годинешниот Оффест, Оливер Белопета најави 8 концерти со репрезентативни имиња и покрај тоа што, како што кажа на прес-конференција, Скопје уште нема летна сцена, температурите веќе најавуваат жешки денови, а не е подобра приказната ниту со спонзорите.
Од 3 до 6 јуни, Скопје повторно ќе стане центар на светската музика, со јубилејното, 25-то издание на ОФФест 2026 и настапи на извонредни артисти, со особено силно присуство на африканската музичка сцена.
Разновидноста на звуци, од традиционални до современи експериментални изрази, го прави ОФФест уникатно доживување за сите љубители на музиката. Фестивалските вечери ќе се одвиваат на две препознатливи локации – првите три вечери во Македонската опера и балет, а завршницата во Младинскиот културен центар.
Како дел од придружната програма, публиката ќе има можност да го проследи и култниот бразилски документарен филм „Elis & Tom“, кој додава уште една уметничка димензија на фестивалот.
Директорот на Скопскиот џез фестивал и организатор на Оффест, Оливер Белопета најави 8 концерти со репрезентативни имиња и покрај тоа што, како што кажа на прес-конференција, Скопје уште нема летна сцена, скопските горештини веќе најавуваат жешки денови, а не е подобра приказната ниту со спонзорите.
Град Скопје продолжува по стапките на Данела Арсовска да не го финансира фестивалот, а од ресорното министерство како покровител доделени се 35 илјади евра, па иако, како што рече Белопета, би сакале фестивалот, особено затоа што е јубилеен, да трае 10 дена, тој ќе си трае колку што трае и инаку, 4 дена.
– Сметавме дека со оглед на сето ова, е потребно само да се следи главниот концепт на програмата, да се донесат најрепрезентативните имиња од т.н. Трет свет или музика на светот и моја задача беше да одберам група која веќе со успех гостувала на фестивалот и да ја поканам и за ова јубилејно издание – рече Белопета.
Изборот паднал на јужноафриканските ѕвезди BCUC, седумчлен бенд кој на Оффест 2024 година, со нивниот звук – мешавина од тапани, гласови, свирежи, басови, донесе френетично вриење од енергија на сцената на МОБ и експлозивна и незаборавна вечер.
Нив ќе можеме да ги гледаме уште првата фестивалска вечер, на 3 јуни, веднаш по триото Guitari Baro.
На 4 јуни, во Националната опера и балет со почеток во 20 часот, свој настап ќе имаат норвешките виртуози Нилс Окланд и Сигбјорн Апеланд.
Маестралниот виолинист Нилс Окланд, препознатлив по специфичниот традиционален инструмент „хардангер фидл“ (Hardanger fiddle), важи за уметник кој со подеднаква леснотија и природност фасцинира без оглед на музичкиот контекст – без разлика дали настапува како солист, во дует или со својот матичен бенд. А за оваа вечер, веројатно поврзано и со следните настапувачи, Добрила и Дориан, кој ќе го промовираат својот трет албум, Белопета најави и изненадување.
На 5 јуни на сцената ќе се качат Raül Refree & Maria Mazzotta, по кои ќе следи моќниот женски колектив Les Amazones d’Afrique.
Последната музичка вечер, на 6 јуни, ќе ги донесе енергичните настапи на Matchume Zango и Zawose Queens. Истата вечер во киното Фросина во МКЦ ќе биде прикажан култниот бразилски документарен филм „ELIS & TOM“.
Визуелниот идентитет и дизајнот на годинешното јубилејно издание се дело на истакнатиот дизајнер Зоран Кардула. Билетите се веќе пуштени во продажба и можат да се набават онлајн преку официјалната веб-страница на фестивалот.