ФИЛИПЧЕ Е НАЈГЛАСНИОТ ПРОМОТОР НА БУГАРСКИТЕ ПОЛИТИКИ ВО МАКЕДОНИЈА Неговата сервилност е штетна за државата
Државните и национални политики мора да бидат над политичките калкулации на СДСМ, на Филипче и на нивното криминално наследство, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче и СДСM се директно фатени на дело во отворена соработка со бугарски активисти кои отворено го негираат македонскиот идентитет, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Специјалниот пратеник на Румен Радев во Македонија, Венко Филипче, преку Рубин Земон е во директна соработка со Виктор Стојанов, кој е персона нон грата во Македонија поради неговите антимакедонски ставови. Виктор Стојанов е лице познато по своите ставови со кои отворено го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик, историја и култура. Виктор Стојанов е човек кој јавно промовира тези дека Македонците и Бугарите се еден народ, директно навредувајќи го достоинството на македонскиот народ и удирајќи по темелите на македонската државност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче, се додава, е најгласен промотор на бугарските политики во Македонија и единствен кој бара внесување на бугарите во Уставот без гаранции дека тоа е последниот чекор за влез во ЕУ.
„Единствено Филипче смета дека вметнувањето на Бугарите во Уставот е единствениот билатерален проблем со Бугарија и со Румен Радев и покрај тоа што Радев јасно кажува дека Гоце Делчев е Бугарин и ги претставува неговите негаторски видувања за Македонија. Ваквите политики на сервилност и потчинување на Филипче и СДСМ се штетни за државата, граѓаните нема да дозволат политики на понижување, самонегирање и национално распродавање“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Државните и национални политики мора да бидат над политичките калкулации на СДСМ, на Филипче и на нивното криминално наследство, порача партијата.