📽️ ЗЕЛЕНСКИ ТВРДИ ДЕКА ПУТИН УДРИ СО „ОРЕШНИК“ Киев под масовен оган, има мртви и десетици повредени
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Русија во ноќен масовен напад врз Киев користела хиперсонична балистичка ракета „орешник“, при што загинале најмалку четири лица, а десетици се повредени, додека Москва потврдува дека биле погодени воени цели.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија за време на ноќешниот масовен напад врз Киев употребила хиперсонична балистичка ракета „орешник“, во еден од најинтензивните напади во последните месеци.
Според украинските власти, во нападот загинале најмалку четири лица, а околу 50 се повредени во Киев и околните области. Ракети и дронови оштетиле станбени згради, училишта и објекти во близина на државни институции.
Зеленски тврди дека ракетата „орешник“, која може да носи и нуклеарни и конвенционални боеви глави, го погодила градот Била Церква во регионот Киев, иако засега нема целосна потврда за точните цели на нападот.
– Ова е третпат ова оружје да се користи во текот на војната – порача Зеленски, предупредувајќи дека станува збор за исклучително моќен систем кој лета со брзина многу поголема од брзината на звукот и е тешко пресретлив.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека биле употребени „орешник“ и други ракети за напади врз украински „објекти за воена команда и контрола“, воздухопловни бази и воено-индустриски капацитети, без да прецизира локации.
Нападите доаѓаат по претходни тензии и меѓусебни обвинувања меѓу Москва и Киев, откако Русија ја обвини Украина за смртоносен напад врз студентски дом во Старобилск, во кој загинаа 18 лица.
Украинската страна, пак, тврди дека во истиот регион погодила руска воена единица.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека само во текот на ноќта биле детектирани околу 90 ракети и 600 дронови, што го прави еден од најмасовните воздушни напади досега.
Украинските власти предупредуваат дека ризикот од нови напади останува висок, додека воените активности на терен продолжуваат со засилено темпо.