ГОЛЕМИ СЕ ШАНСИТЕ ИРАН ДА ПРИФАТИ ДОГОВОР ДЕНОВИВЕ Рубио се надева на добри вести
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека има шанса Иран да го прифати договорот за ставање крај на војната на Блискиот Исток уште денеска.
– Постои шанса, без разлика дали тоа ќе биде подоцна денеска, утре или за неколку дена, да имаме нешто да соопштиме. Постигнат е одреден напредок. Дури и додека разговарам со вас сега, се работи на тоа – им изјави Рубио на новинарите во Њу Делхи, додавајќи дека се надева на „добри вести“.
Рубио повтори дека САД бараат Иран целосно да ја отвори Ормуската Теснина, над која воспостави контрола како одговор на американско-израелскиот напад, и дека Иран треба да го предаде високо збогатениот ураниум.
– Американскиот претседател Доналд Трамп секогаш претпочита ваквите проблеми да се решаваат преку договорено дипломатско решение. Тоа е она на што работиме во моментов. Но, овој проблем ќе биде решен, како што претседателот јасно стави до знаење… на еден или на друг начин – нагласи тој.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека е фокусиран на финализирање на „меморандум за разбирање“ преку преговорите меѓу Техеран и Вашингтон со посредство на Пакистан, пренесуваат иранските државни медиуми.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, исто така изјави дека секој механизам во врска со Ормуската Теснина треба да биде договорен меѓу Иран, Оман и земјите што граничат со овој воден пат, и дека САД „немаат никаква врска“ со тоа.