📽️ ПЕПЛОСАНО „БМВ“ И ЧЕТИРИ ЖРТВИ Морничава несреќа ја блокираше скопската обиколница

Четири лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница, по директен судир меѓу „БМВ“ и камион, а сообраќајот беше блокиран речиси шест часа.

1,298

Скопската обиколница ноќеска беше целосно затворена за сообраќај по тешка сообраќајна несреќа во која, според информациите што ги објави Алсат, животот го загубиле четири лица.

Несреќата се случила околу 23:00 часот, кога директно се судриле автомобил „БМВ“ и камион со косовски регистарски ознаки. Од силината на ударот, автомобилот целосно изгорел.






Поради трагедијата, сообраќајот на делницата Велес – Тетово бил во прекин речиси шест часа. Од ЈП „Македонија пат“ информирале дека возилата биле пренасочувани од клучката Мирковци кон клучката Приштина, а нормализација на сообраќајот имало дури околу 05:30 часот изутринава.

„На 21.05.2026 во 23 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје. Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопјe“, информираат од МВР.

На местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20) и П.М.(20) од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат.

„Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. Исто така, по наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. За време на вршење на увидот, односно во периодот од 23 часот и 10 минути до 5 часот сообраќајот е пренасочуван на патниот правец Тетово-Велес, кај клучка Приштина кон с.Визбегово, и Велес-Тетово кај клучка Мирковци. Во 5 часот сообраќајот е нормализиран“, велат од полицијата.

Според првичните информации што ги објави Алсат, постои сомнеж дека камионот преминал во спротивната лента, а како можна причина се споменува дека возачот најверојатно загубил свест од замор непосредно пред судирот.

Во текот на ноќта, истражните органи вршеле увид на местото на несреќата, а се очекуваат повеќе детали по завршување на истрагата.

Видеото од страшната несреќа може да го погледнете тука!

Поврзани содржини